Веста за прераното упокојување на Мирчо Ангеловски, Претседател на македонската православна општина за Мелбурн и Викторија длабоко ја трогна македонската заедница во Австралија, која ќе го памети како голем работник, трудољубив и пожртвуван Македонец. Неговиот долгогодишен пријател и соработник Џон Бранов вели дека Мирчо "беше срцето на православната општина" кој и покрај болеста снајде сили да го заврши проектот со изградбата на културниот центар во Мелбурн.
Погребот на прерано починатиот Мирчо Ангеловски се одржа во црквата Св. Ѓеорѓи и Пресвета Богородица, во Мелбурн со присуство на голем број негови роднини, пријатели и соработници од македонската заедница во Викторија.
За животниот пат и дело на покојниот Мирчо Ангеловски, зборуваше и неговиот близок пријател и соработник Мајкл Радин.
Телеграма со сочуство до семејството на Ангеловски испрати и Митрополитот Дебарско-Кичевски и Администратор Австралиско - Сиднејски, Г. Тимотеј. Во неа меѓу другото се вели:
"Покојниот Мирчо Ангеловски ќе остане забележан во историјата на Македонската православна црква и на православната општина во Викторија како голем работник, трудољубив и пожртвуван Македонец, кој не ги жалеше своите интелектуални и физички сили за целосно да се вгради во општинскиот и црковниот живот на првата македонска црква во Австралија. Тој особено даде свој огромен влог во изнаоѓањето на начин за повторно организирање на црковен живот според нормите и прописите на светата православна вера и Црква, во рамките на Македонската православна црква - Охридска архиепископија".