Општо познато е дека во потрага по подобар живот, за исполнување на своите сонови и желби многумина за секогаш ја имат напуштено Македонија.
Еден од нив е и Драган Атанасов кој со своето семејство пред дваесетина години имигрира во Нов Зеланд.
Следјќи го својот детски сон и желба еден ден да се појави на оперската сцена Драган го остварува во Нов Зеланд.
" Уште пред да заминам од Македонија имав идеја и желба да влезам во оперското пеење. Отсекогаш сум покажувал интерес кон музиката и кон актерството. Во Кавадарци бев дел од театрот и покажував интерес да се изразувам на начин во кој не само музиката да доаѓа до израз туку и глумата "- вели Атанасов

А кога се има талент, идеја, интерес и желба треба и упорност. На Драган тоа му било најмал проблем.
" Штом пристигнав во Нов Зеланд започнав со остварување на моите планови и желби. Почнав да посетувам приватни часови по оперско пеење. Потоа започнав и со аудиции и конечно во 2003 година успеав да влезам во ансамблот на Новозеландската опера"- вели Атанасов
Успехот на бас-баритон Драган Атанасов на оперската сцена во Оукленд добива на тежина ако се има предвид што вештините на оперското пеење ги има научено само преку приватни часови.
"Соработував и учев од многу познати професори познати во оперскиот свет и понекогаш дури и можам самиот да поверувам дека сум учел и соработувал со такви познати имиња".

Веќе 15 години Драган е дел од операта на Нов Зеланд и има настапувано во повеќе претстави. прва претстава му била Борис Годунов а може да се пофали и со настапите во Риголето, Травијата, Кармен, напиток на љубовта и многу други.
Оперското пеење не е лесно како што изгледа на прв поглед.Потребно е многу работа и вежбање објаснува Атанасов и додава дека при изразувањето на некаква приказна оперскиот пејач треба да биде што е можно по природен
" Природното кое што треба да биде најлесно сватив дека е најтешката работа. Природниот начин на израз во пеењето во опера е тој што треба да се практикува цело време и затоа треба на тоа да се научи гласот ".

Драган Атанасов во чие пошироко семејство музиката е дел од секојдневниот живот и од таму ги влече корените кон музиката вели дека продолжува да го надградува својот глас:
" Веќе почнувам да се надградувам и да го усовршувам својот глас за да добивам и улоги како солист. Годинава влезен сум во сите опери а работам и во повеќе хорови".

Малубројната македонска заедница во Нов Зеланд е горда што има Mакедонец во таа елитна оперска куќа, Драган на најдобар можен начин им се оддолжува и е благодарен од подршката што ја има од нив.




