Извлекувањето на двојките за бараж натпреварите за пласман на Светското првенство во фудбал во Катар 2022 година беше "немилосрдна" за македонската репрезентација.
Македонија се најде во групата Ц во друштво на последните два европски прваци - Италија (2020) и Португалија (2016), како и секогаш "незгодната и непредвидлива" Турција.
Првиот полуфинален натпревар против трикратниот светски и двократен европски шампион Италија, Македонија ќе го игра на гостински терен на 24 март следната година.
Доколку евентуално ја победи Италија и со тоа ја мине полуфиналната пречка Македонија во финалето ќе се соочи со победникот од натпреварот меѓу Португалија и Турција.
И, финалниот натпревар што е и последна пречка до пласман на Светското првенство, Македонија ќе го игра на гости на 29 март 2022 година.
По дознавањето на противниците селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски за интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија изјави:
- Македонија покажа дека без разлика дали игра на домашен или на гостински терен може да се спротивстави на секој противник, се разбира дека ќе ни недостасува поддршката од публиката, но околностите не можеме да ги менуваме.
Во денешниот фудбал аутсајдери има само на хартија. Сето она што се случува на терен е сосема друга приказна. Според рејтингот, Италија е фаворит, но на терен за исходот на мечот во голема мера ќе се прашуваме и ние. Покажавме во текот на квалификациите дека имаме квалитет, како и сите други учесници во баражот и ќе се потрудиме тоа да го потврдиме.
Според имињата на репрезентациите во групата Ц едно е сигурно а тоа е дека за еден од фудбалските гиганти Италија или Португалија ќе нема место за Светското првенство.
Еве го распоредот на бараж натпреварите и во другите две групи:
ГРУПА А
Шкотска – Украина
Велс – Австрија
ГРУПА Б
Русија – Полска
Шведска – Чешка
