Извори и сведоштва за македонскиот јазик како непобитна историска реалност

Велика Стамкова (93), е само една од живите сведоци кои го потврдуваат постоењето на самобитен македонски јазик и јасна македонска национална свест, долго пред Коминтерната (1934), пред Втората светска војна (1939-1945), пред кодификацијата на македонскиот јазик во 1944 година и пред неговото признавање од Организацијата на Обединетите Нации, во 1977 година. Денес се достапни и бројни архивски материјали и историски документи, како тие од Државниот завод за статистика на Грција и од Библиотеката на Конгресот на САД, кои го сведочат истото.

Macedonian language

Source: Velika Stamkova

Неодамна бугарската влада достави декларација до македонската, во која беа наведени серија услови кои, според официјална Софија, Македонија треба да ги исполни на патот кон ЕУ. Со неа меѓудругото, Бугарија го оспори постоењето на македонскиот јазик и побара тој да не се именува како таков. Имено, бугарските власти побараа никаде во документите на ЕУ да не фигурира „македонскиот јазик“, односно доколку е неопходно, да се користи терминот „официјален јазик на Република Северна Македонија“ [sic]. Доколку, како што се наведува, „постои апсолутна неопходност да се користи терминот "македонски јазик" во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фусноста да се појаснува дека е тоа „согласно Уставот на Република Северна Македонија“ [sic]. Ова барање заврши со заклучокот дека „треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година."[sic]

Денес се достапни бројни документи, но и живи сведоци, кои го потврдуваат постоењето на самобитен македонскиот јазик и јасна македонска национална свест, долго пред Коминтерната (1934), пред Втората светска војна (1939-1945), пред кодификација на македонскиот јазик (1944) и пред неговото признавање од Обединетите нации (1977). Една од нив е Велика Стамкова од Мелбурн.
Macedonian language
Source: Velika Stamkova
Велика Стамкова (93), во дом за стари лица во Гленрој, Мелбурн

 “Јас сум Македонка родена во с. Арменско (Егејска Македонија) и кога дојдов во Австралија знаев да зборувам само македонски” - ја започнува својата приказна, 93 годишната Велика, која припаѓа на првиот бран етнички Македонци коишто се доселиле во Австралија како економски мигранти, во периодот меѓу двете светски војни.

Родена во 1926 година во тогашното Кралство Грција, а порасната во Австралија, Велика е една од бројните етнички Македонци, кои никогаш немале можност да живеат ни во СФР Југославија, ни во Република Македонија и со тоа да бидат “индоктринирани”, а сепак имаат силна македонска национална свест и зборуваат јазик, за кој тие немаат дилема дека е македонски.
Macedonian language
Source: Velika Stamkova
Семејството Стамкови, од с. Арменско, се пресели во Австралија во март 1935 

 “Јас имав 8,5 години кога дојдовме тука во Австралија. Паметам се качивме на возот во Лерин во јануари 1935, а во март истата година стигнавме во Вериби, на 20 км од Мелбурн. Таму на фармите, во тоа време имаше околу пет македонски фамилии, сите од истите краишта од Леринско, од селата Арменско, Буф, Раково - се сеќава Велика на првите години од преселбата во далечната земја и додава дека меѓу нив имало и такви што се идентификувале како Грци, а не Македонци, иако дома меѓусебно зборувале на македонски јазик.

“Но, не и ние! Секогаш бевме и си останавме Македонци, дома зборувавме македонски, ја држевме нашата македонска традиција, обичаи и адети- вели Велика, која и во деветтата деценија од својот живот, вели дека не може да разбере, зошто многумина од оние што се нарекувале себе си Грци, зборувале дома на македонски, а не на грчки јазик.
Macedonian language
Source: Velika Stamkova
Велика Стамкова: "Кога дојдов во Австралија во 1935 година, знаев да зборувам само македонски"

“Жената на мојот брат Џон, сакаше кај нив дома да се зборува на грчки. Но јас на Џон, кој беше роден во Австралија, му ја кажав историјата на Македонија и дека пред Првата светска војна, таа беше поделена на неколку делови. Тој рече: “Во оваа куќа ќе се зборува само македонски и англиски!" - раскажува Велика живописно, на чист македонски јазик, за конфликтот околу јазикот со кој се соочил и дел од нејзината фамилија.
Macedonian language
Source: Velika Stamkova
Велика Стамкова во 1945 година: "Бев заинтересирана за мојот, македонски јазик"

 

Англискиот јазик, кој и денеска го зборува совршено, небаре е родена Англо-саксонка, го совладала за само шест месеци по пристигнувањето. Но тоа не го намалил нејзиниот интерес за мајчиниот јазик.

 “Бев заинтересирана за мојот, македонски јазик и знаев да го говорам, но не ја знаев азбуката. Поради тоа се чувстував како да имам само едно око”, - вели низ смеа Велика.

Бидејќи во тоа време немало часови по македонски јазик низ Австралија, решила да се запише на унивезитетски курс по руски јазик, само за да може да ја научи азбуката.

“Долго време во Австралија немавме училишта на македонски јазик. Се запишав на руски само за да научам да читам и пишувам на кирилица. Одлично е што денес во Австралија има македонски училишта и цркви, и  што мнoгу родители си ги праќаат своите деца да учат македонски. Тоа е прекрасно! - констатира Велика, која во 70тите години од минатиот век, беше активна на австралиската политичка сцена, како членка на Лабуристичката партија, а беше и една од пионерките за женски права во Австралија.
Macedonian language
Source: Velika Stamkova
Велика Стамкова, како активистка на Лабуристичката партија на Австралија

 

За постоењето самобитен македонскиот јазик и јасна македонска национална свест, долго пред Коминтерната (1934) потврдуваат и официјални, достапни, историски документи, каков што е Попис на населението во регионот Тесалија, Кралство Грција, во 1920 година, каде за македонскиот јазик постои посебна графа, одделна и од бугарски, српски и од грчки. Денес, овој документ е јавно достапен, преку дигиталната библиотека на "Грчкиот завод за статистика".
Population Census of Thessaly, Greece
Population Census of Thessaly, Greece 1920 Source: The general State Archives of Greece
Macedonian language
Population Census of Thessaly, Greece 1920/ Попис на население на Тесалија, Грција, 1920 Source: The general State Archives of Greece
Од истиот период датира и репортажата од балканското боиште за време на Првата светска војна, направена во мај 1917, под наслов "На битолскиот пат", на американскиот новинар Херберт Кори од National Geographic каде пишува : "Ниту Србинка, ниту Бугарка," вели одлучно една таква стара жена, кога заминавме од патот за Битола кај Добравени. " Јас сум само Македонка и смачено ми е од војната".  Изданието е исто така достапно преку архивата на интернет, за претплатниците на ова угледно американско списание.
Macedonian Language
Source: National Geographic Archive
Macedonian Language
Source: National Geographic Archive
Во дигиталната библиотека на Конгресот на Соединетите американски држави, може да се најде архивски примерок од весникот Харисбург Телеграф (Harrisburg Telegraph) од изданието од 25 мај 1914,  во кое се прави јасна дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот јазик.
Macedonian language
Press Clipping of the Harrisburg Telegraph, 25th May 1914 Source: Library of USA Congress
Уште еден историски извор што му пркоси на тврдењето дека "македонскиот јазик постои само како одделна јазична норма од неговата кодификација во 1944" [sic], е првата докторска дисертација за македонскиот јазик, којашто угледниот естонски лингвист Леонард Г. Мазинг ја одбрани во 1890 година, на Универзитетот во Тарту, Естонија.

Macedonian Language
Source: University of Tartu
Macedonian language
Source: Pollitecon Publications
За самобитноста на македонскиот јазик немаше дилема ни светски водечкиот слaвист и македонист, американскиот професор од Универзитетот Харвард, г-дин Хорас Г. Лант. Овој автор на првата граматика на македонскиот јазик на англиски, за посебноста на македонскиот јазик има напишано:

“Бугарските научници, кои тврдат дека концептот за македонскиот јазик бил непознат пред Втората светска војна, или кои продолжуваат да тврдат дека македонскиот јазик не постои, не се само нечесни, туку будалести. Додека грчките научници кои имаат слични тврдења покажуваат арогантно незнаење за нивните словенски соседи”.

Се проценува дека македонскиот јазик, денес го зборуваат околу 2,5 до 3 милиони ширум светот, од кои, приближно 66,000 говорители живеат во Австралија.

 

 

 

 

 

 


Share

Published

Updated

By Maja B.Talevska

Share this with family and friends


Follow SBS Macedonian

Download our apps
SBS Audio
SBS On Demand

Listen to our podcasts
Independent news and stories connecting you to life in Australia and Macedonian-speaking Australians.
Ease into the English language and Australian culture. We make learning English convenient, fun and practical.
Get the latest with our exclusive in-language podcasts on your favourite podcast apps.

Watch on SBS
Macedonian News

Macedonian News

Watch it onDemand