SKIP TO MAIN CONTENT

Melbourne International Film Festival 2026: Oсврт - La Bola Negra

„La Bola Negra“ ("Црната топка") е ја освои наградата за најдобра режија на престижниот филмски фестивал во Кан ( Франција) во 2026, поради наративната оригиналност, страста и естетиката со која е раскажана оваа сценаристички комплексна приказна, што се фокусира на три генерации мажи во различни периоди во Шпанија. Филмот е инспириран од еден од најзначајните поети на сите времиња, Фредерико Гарсија Лорка.

la-bola-negr-041982_19420.jpg

3 min read

Published

Updated

By Maja B.Talevska

Source: SBS


Skip to article content

Сакате ли да гледате врвен “театар” на филмското платно? Не онаков како во генијалниот “Догвил” на Ларс Фон Треир, кој што со часови ќе ве измачува и ќе ве држи на кратко јаже, за на крај да ве тресне со својата брилијаност, длабочина и необичност. Малце поинaков, помалку алтернативен, но не помалку извонреден, особено кога станува збор за хипнотизирачка нарација, врвна фотографија и вонсериска актерска игра.

la-bola-negr-041982_19369.jpg

Шпанскиот филм што моментно се прикажува на “Меѓународен филмски фестивал Мелбурн 2026”, La Bola Negra – “Црнaта топка” од режисерското дуо Хавиер Амброси и Хавиер Калво, познати и како Лос Хавис, е врвно визуелно, интелектуално и емотивно уживање, кое ќе ве помести со својата тривалентна приказна, а во која темите за љубовта, сексуалноста, желбата, изборот, репресијата, болката, наследството и меморијата, се поврзани по принципот ја отворате школката и во неа се крие бисер. Во бисерот се крие нова школка, а во неа друг бисер, и така до бесконечност.

la-bola-negr-041982_19368.jpg

Филмот е инспириран од еден од најзначајните поети на сите времиња, Фредерико Гарсија Лорка, и неговото недовршено дело „La bola negra“, од кое неповторливиот Шпанец напишал само неколку страници, пред да биде убиен во 1936 година. Во него главниот лик е хомосексуалец — што е особено значајно, затоа што Лорка никогаш не ја обработувал својата сексуалност толку директно во својата литература.

la-bola-negr-041982_19367.jpg

Оваа филмската нарација е толку интелектуално богата и комплексна што освен сексуалноста, многу елегантно го допира и прашањето за родовата репресија и позицијата на жената во општеството, која се гуши стегната од цврстата тупаница на патријахатот, кој со својот безмилосен карактер лесно станува природен сојузник на фашизмот и тоталитаризмот.

Ова е филм за суровото уништување неброени животи и безмилосното ретуширање и на колективната историја, но пред се онаа личната.

Но, исто така и за наследениот срам што создава болни лузни, коишто, ако не се исчистат и не се превијат со чиста газа, не само што никогаш нема да зараснат, туку ќе продолжат да го шират гнојот во бесконечната иднина.

la-bola-negr-041982_19419.jpg

Приказната за црната топка, стигмата и срамот на филмското платно ја носи една неверојатна актерска екипа, почнувајќи од шпанскиот музичар Алваро Лафуенте Калво, познат како Гитарикаделафуенте - Guitarricadelafuente (Себастијан), Мигел Бернардо (Рафаел), Карлос Гонзалес (Алберто), Мило Кифес (Карлос), Лола Дуенјас (Volver, The Sea inside - Тереса) - и црешата на тортата е неочекуваната појава на светските филмски ѕвезди, Пенелопе Круз (Нене) и Глен Клоуз (Изабел).

la-bola-negr-041982_19429.jpg
la-bola-negr-041982_19418.jpg

La Bola Negra е како филмски дијаграм, што поврзува неколку важни точки во шпанската уметност. Инспиран од Лорка, продуциран од El Deseo (продукциската компанија на Педро и Августин Алмодовар), тематски ја допира шпанската култура на XX век, а е дело на фантастичните Лос Хавис.

Она што е интересно е што ова е филмскo деби, на двајцата популарни шпански телевизиски/театарски автори, кое премиерно беше прикажанo во официјалната селекција на Кан 2026, каде ја освои престижната награда за режија Best Director, Cannes 2026.


Follow SBS Macedonian

Download our apps

Listen to our podcasts

Get the latest with our exclusive in-language podcasts on your favourite podcast apps.

Watch on SBS

Macedonian News

Watch it onDemand

Stream now