Модерни и современи ремек-дела од њујоршкиот култен "Музеј на современа уметност" (МоMА), се дел од светската премиерна изложба “130 години модерна и современа уметност” во "Националната Галерија на Викторија" (НГВ) во Мелбурн.

Ексклузивната изложба којa беше отворена на 9 јуни и ќе трае до 7 октомври, ги претставува делата на најголемите уметнички имиња на 19 и 20 век, меѓу кои Винсент ван Гог, Хенри Матис, Пабло Пикасо, Марсел Дишан, Салвадор Дали, Фрида Кало, Џексон Полок, Рој Лихтенштајн и Енди Ворхол.




Изложбата која содржи повеќе од 200 дела, меѓу кои многу такви што никогаш претходно не биле видени во Австралија, вклучува и многу значајни уметници од 21 век, како Џеф Кунс, Синди Шерман, Олафур Елисон, Андреас Гурски, Ел Анацуи, Ринеке Дијкстра, Кара Вокер, Мона Хатум и Камил Хенрот.
Покажувајќи мултидисциплинарен пристап на МоМА кон собирањето и широчината на својата збирка, изложбата ги прикажува деловите од шесте кураторски оддели на музејот: архитектура и дизајн, цртежи и печатени материјали, филм, медиуми и изведба, сликарство, скулптура и фотографија.
Постарата кураторка за интернационални изложбени проекти во НГВ, Миранда Волас, зборувајќи за предизвиците да се курира ваков амбициозен проект, за "СБС на македонски" изјави:
-Колекцијата на МоМА има толку многу неверојатни дела, преку 200 000 објекти, организирани според шест собирни области - архитектура и дизајн, цртежи и печатени материјали, филм, медиуми и изведба, сликарство и скулптура и фотографија. Одлучувајќи за тоа како да одбереш 200 дела кои ќе покажат моќни приказни за развојот на уметноста и дизајнот во текот на 130-годишен период и кои најмногу ќе искомуницираат со нашата публика, беше возбудлив предизвик.

МоМА во Националата галерија на Викторија е најголемата инсталација до сега, во серијата “Зимски изложби на ремек –дела” во Мелбурн, и го опфаќа целиот кат од приземјето на галеријата. Збирката ја истражува појавата и развојот на големи уметнички движења и претставува повеќе од 130 години историја на радикални уметнички иновации.

Изложбата исто така ги рефлектира пошироките технолошки, општествени и политички случувања кои го трансформираа општеството во овој период, од урбаната и индустриската трансформација од крајот на деветнаесеттиот век, до дигиталната и глобалната сегашност. Оваа инсталација ги истражува длабоко вкоренетите врски помеѓу уметноста и дизајнерската практика од дваесеттиот век, со посебен акцент на случувањата кои ја обликуваа Европа во 1920-тите и '30-ти и глобализираниот свет од 1960-тите и 70-тите години.
Зборувајќи со "СБС на македонски" за ексклузивноста на оваа поставка, кураторка од НГВ, Миранда Волас рече:
-Неверојатно е ретко да се видат такви одлични уметнички дела во една изложба, и да се видат дела од архитектурата и дизајнот прикажани заедно со слики и скулптури. Широката палета на медиуми претставени во изложбата, составена од сите шест области на МоМА, дава навистина интересно и "холистичко" гледиште за креативните напори од крајот на деветнаесеттиот век до денес. "МоМА во НГВ" исто така е ексклузивна за "Националната галерија на Викторија". Вие нема да го видите овој уникатен и сеопфатен избор на дела презентирани на друго место. Дури ни во МоMA !- нагласува кураторката Волас.

Одмотувајќи се низ осум хронолошки тематски секции, изложбата се отвора со "Аркадија и Метрополис", прикажувајќи како уметниците од почетокот на 20 век одговорија на подемот на градовите. "Машините на модерниот свет" ја нагласуваат истовременоста на основните авангардни движења (Футуризмот, Кубизмот, Орфизмот, Дадаизмот) и референтната изложба на МоМА “Уметност на машините” од 1934 година, додека "Ново Единство" ги претставува мулти-медијалните манифестации на Руската авангaрда, Баухаус и школата на Хоакин Торес-Гарсија.

Во "Внатрешните и надворешните светови", култните надреалистички слики се видени и со истовремените дела што преговараат за односот помеѓу внатрешните и надворешните пејсажи. "Уметност како акција" нагласува клучни примери на апстрактниот експресионизам и се проширува за да вклучи и други форми на кинетичност во 1950-тите. Најголемиот дел од изложбата "Работи како што се", го опфаќа различното производство од 1960-тите и 70-тите години, од поп-уметноста до минимализмот и пост-минимализмот, проследено со "огромна енциклопедија", фокусирајќи се на гестови на присвојување и рефлексии на идентитетот од 1980-тите и 90-тите години. Последниот дел од изложбата "Летни шаблони" ги разгледува современите идеи за движење, миграција и глобализација. "

Досегашните реакции на публиката, кураторката Волас вели дека се многу позитивни.
-Изложбата е отворена за јавноста веќе три недели, а во тоа време, преку нашите врати, пречекавме бројна разновидна публика. Луѓето изгледаат воодушевени за да видат таков лак на историјата и опсег на медиуми претставени на една изложба, но и да се сретнат со толку многу дела што ги знаат само од нивните репродукции. Не постои замена за гледање на слика како објект, во три димензии - четките, опсегот - сето ова го прави многу моќното искуство - изјави Волас за "СБС на македонски".
