Македонскиот виртуоз Симон Трпчески кој важи за еден од највозбудливите и најпосакуваните млади пијанисти во светските концертни сали, беше испратен со овации од воодушевената публика по настапот во престижниот Рецитал Хол во центарот на Сиднеј.
Врвниот изведувач настапи во рамки на Интернационалната серија за интензивни и уникатни артистички изведби со композиции од Григ, Менделсон и Римски-Корсаков оставајќи ги љубителите на класиката во занес.
Тој се истакнува со уникатни интерпретации дури и на најизведуваните дела, а неговата спонтана музикалност е дополнета со топлиот карактер што пијанистот го споделува на сцената и надвор од неа, пишува артистичкиот програмер Гај Барет.
Токму поради тоа, како и беспрекорната техничка изведба и интроспекција, македонскиот виртуоз настапува со најпознатите светски симфониски оркестри во Лондон, Сиднеј, Окланд,Петербург,Осло, Хелсинки, Цирих, Лос Ангелес,Сан Франциско,Вашингтон, и низа други.
Симон Трпчески со огромни овации беше испратен од публиката.
Чести посетители на концертите на еден од најголемите промотори на македонската култура ширум светот се и македонските иселеници, горди на постигнувањата на овој восхитувачки талентиран уметник кој и покрај комплиментите од најпознатите авторитети за класична музика во светот остана и натаму да плени со својата скромност.




Фолк-проектот на Трпчески со наслов “Mакедонисимо” на најубав можен начин ја прославува музиката и културата од неговата родна Македонија.
Меѓу присутните на концертот беше и Билјана Тасевска поранешна професорка на Симон Трпчески по информатика во средното училиште во Скопје која сега живее во Сиднеј. Вели дека е горда на постигнувањата на својот поранешен ученик.
Симон Трпчески повторно се враќа на 28 јули кога ќе ги плени вљубениците на класиката во Тасманија по што следуваат концерти и во Нов Зеланд.
