Станува збор за скулптури во реална големина, коишто беа сосема случајно откриени во кинeската провинција Шанги, во 1974 година, и претставуваат едно од најголемите археолошки откритија на 20 век. Изложбата курирана од НГВ, прикажува осум воина и два коња во реална големина, како и две реплики на кочии од империјалната војска. Скулптурите се контекстуализирани со презентација на над 160 извонредни артефакти и предмети, од музеите и археолошките места од кинеската провинција Шанги, каква што досега не е направена во Австралија.
Теракотните војници претставуваат дел од огромниот мавзолеј на првиот кинески цар, кој се распостилал на површина од 98 км. Тие беа закопани заедно со владетелот во 210-209 година п.н.е., за да го чуваат царот во неговиот задгробен живот, а за нивната изработка биле ангажирани 700 000 работници. Војниците биле различно облечени, со што била означена нивната различна позиција и статус во империјалната армија, а за да личат на вистинска војска, во рацете држеле реално оружје.
Поради недостиг на скуптури во вистинска големина во Кина пред времето на династијата Ќин, некои научници сметаат дека теракотните воини се поврзани со техники, што на Исток биле пренесени од Европа за време на освојувањата на Александар Македонски во Источна и Централна Азија.
Првата изложба на “Теракотната армија” надвор од Кина беше одржана токму во Националната галерија на Викторија во 1982, само осум години по нејзиното случајно откривање од кинеските земјоделци што копале, барајќи вода во Шанги.
Овој пат, нивната презентација е збогатена со паралелна изложба на еден од највозбудливите современи светски уметници Чаи Гуо-Кијанг, прикажана како софистициран дијалог на минатото и сегашноста на кинеската уметност.
Изложбата беше отворена минатиот месец, на 24 мај и ќе трае до 13 октомври годинава.












