Зошто Грција го посакува решението ГорнаМакедонија (споено)?

Наспроти тврдењето на македонските власти дека прашањата за идентитетот, националната припадност и јазикот на етничките Македонци не се на преговарачката маса со Грција, грчката интелекуална јавност очекува компромисното решение да се рефлектира и на овие суштински сегменти. Во публикацијата на грчката фондација "ЕЛИАМЕП" објавена пред неколку недели, дел од таа јавност отворено пишува дека очекуваат решение кое ќе ја поништи, како што велат "идеологијата на македонизмот" и дека токму лексичкиот фантом "ГорнаМакедонија" (споено) е на линија на таквите аспирации

Macedonian-Greek dispute

Source: ELIAMEP

Минатата недела, грчкиот весник “Ефимерида”, повикувајќи се на високи владни грчки извори објави дека посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц допатувал во Скопје со предлогот “Република ГорнаМакедонија”, за кој медиумот шпекулираше дека е прифатено решение од двете страни.

 “СБС на македонски” дојде до публикацијата на “Грчката фондација за европска и надворешна политика” (ЕЛИАМЕП) објавена минатиот месец, во која е објаснета таквата грчка позиција и мотивите кои се кријат зад неа. Имено, меѓу грчките аналитичари кои во текстот ги изнесуваат своите ставови по прашањата кои точки ќе бидат значајни за да се дојде до решение за спорот и дали постои простор за оптимизам, е и публицистот и новинар Ставрос Лигерос, кој вели дека со цел Грција навистина да биде ослободена од проблемот, потребно е сложено име - синтетичка кованица, кое како што вели “ќе ја поништи идеологијата на поделената македонската татковина ". Лигерос ги демистифицира мотивите на Грција, со преговорите за името на државата, да дојде до делигитимирање и на идентитетот. Тој пишува:

-Државната идеологија на Скопје ја покажува оваа држава како дом на непостоечка "македонска нација". Славо-Македонците изјавуваат дека името "Македонија", "Македонец" е нивниот идентитет, бидејќи преку неа ја легитимизираат својата идеологија "Поделена македонска татковина"- вели Лигерос, и додава дека географскиот регион на Македонија, не само што припаѓал на три држави, но исто така бил мултинационален, и ниту една етничка припадност немала право да го монополизира името.

Предизвикот, што се наметнал според Лигерос е соединето име, кое ќе ја одразело реалноста на регионот, и кое ќе го спречел обидот еден дел (Р.Македонија н.з.) да ја узурпира целината (географскиот регион Македонија н.з.). Според него тоа е суштината на проблемот и доколку може да се третира така, може да се случи и прифатливо решение. Со тоа Лигерос открива дека за Грција проблемот не завршува само со промена на името на Р. Македонија. Понатаму тој го негира и толкува на свој начин и правото на самоопределување на етничките Македонци гарантирано го Резолуциите на ОН, при што тој вели:

-Правото на самоопределување не значи за Славо-Македонците неограничен избор на име за државата, етничка припадност и јазик, затоа што името го отелотворува идентитетот, а слободата на избор на име завршува каде што почнува таа да влијае на другите” - резонира Лигерос.

 На овој начин Лигерос објаснува зошто решението "ГорнаМакедонија" (споено), кое претставува вештачка кованица, непостоечки збор, лексички фантом, е она што го посакува Грција. При тоа, тој инсистира дека решението, синтетичка синтаксичка кованица, мора да се однесува и на името на етничката припадност и на јазикот.

 -Решението мора да биде национално неутрално име и истовремено да демонстрира дека е дел, а не целина. Имиња како “Uppermacedonia” ("Горнамакедонија") и “Vardarmakedonia” ("Вардармакедонија”) ја одразуваат реалноста, без да влијаат на другите делови - додава Лигерос.

Според него, решението "Нова Македонија" не е добро за грчката страна, дури и во нејзината “словенска верзија”, зашто како што вели имплицирало дека се работи за цела Македонија, дефинирана со време. Според него наместо да ја отфрли идеологијата на "македонизмот", ова решение би ја ратификувало.

Освен Лигерос, и други грчки интелектуалци го демистифицираат обидот промената на името на државата да биде искористен како тројански коњ, за да се дискредитира и оспорува македонскиот етнички идентитет во својата посебна етничка самобитност. Па така во истата публикација, Елијас Коускубелиш, професор по меѓународни односи на Универзитет “Македонија”, вели дека позицијата на Грција била јасна и чесна, и дека Грција направила голем чекор напред и компромис, прифаќајќи комплексен, географскиот назив за севкупна употреба, и дека сега е Скопје било на ред. Според него, прифаќањето на решението од страна на грчкото јавно мислење, особено на северна Грција, ќе зависиле од тоа што ќе биде комплексното име.

-Особено ќе зависи од тоа дали решението ќе биде изразено со два збора или еден, бидејќи само во вториот случај се гарантира дека ќе биде непостоечко име, со кое ќе се напушти првичното, вештачки создадено име- открива Коускубелиш.

  -Сложено име за државата со кое ќе се искорени познатиот иредентизам, како што е изразено во образовниот систем на БЈРМ” е најдобро решение - вели Никос Ефтимијадис, претседател и извршен директор на РЕДЕСТОС – Ефтимиадис, агротехнолошка група. Тој додава дека најтешка ќе биде обврската да се користи новото име во секоја комуникација, односно формалната или неформална имплементација на решението.

 -Уште потешко, многу тешко ќе биде да се дојде до согласност терминот да се користи за национален идентитет, а особено за името на јазикот на граѓаните на БЈРМ, нагласува Ефтимијадис.

  Според Ангелос Атанасопулос, дипломатски уредник, за Грција опсегот на употреба е поважен од изборот на името, бидејќи концептот на идентитет и државјанство се поважни од јазикот.

 Доцентката за меѓународни односи на Универзитетот “Пантеон”, Марилена Копа, пишува дека Атина е подготвена за решение кое ќе го затвори "крвавењето" на политичкиот капитал што прашањето за името со години го предизвикувал на сметка на грчката дипломатија. Таа напоменува дека се бара сеопфатно решение не само за името на земјата и нејзиниот опсег на употреба, но исто така и дефинитивен договор за агресивни определби, деривати за комерцијална употреба и кратенки.

  -Но, решението мора да биде прифатливо за секого. Грчката опозиција ќе се соочи со својата историска одговорност за заврши во ќор-сокак и непотребен конфликт кој многу ја чини земјава. Ајде да не бидеме жртва на Македонија за уште една рунда на микрополитичка конфронтација и битка на рововите, вели Копа.

 Изјавите на познатите аналитичари од грчките академски, новинарски и бизнис кругови објавени минатиот месец во публикацијата на грчкиот тинк-тенк "ЕЛИАМЕП" а по повод интензивираните разговори за спорот во врска со името меѓу Македонија и Грција, доаѓаат во исто време со оние на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и на посредникот на ОН Метју Нимиц, кои изјавија дека идентитетот не е, и не може да биде предмет на преговори.


Share

6 min read

Published

Updated

By Maja B.Talevska



Share this with family and friends


Follow SBS Macedonian

Download our apps
SBS Audio
SBS On Demand

Listen to our podcasts
Independent news and stories connecting you to life in Australia and Macedonian-speaking Australians.
Ease into the English language and Australian culture. We make learning English convenient, fun and practical.
Get the latest with our exclusive in-language podcasts on your favourite podcast apps.

Watch on SBS
Macedonian News

Macedonian News

Watch it onDemand