На 13 oктомври 1993 година фудбалската репрезентација на Македонија го одигра првиот официјален натпревар по осамостојувањето. Македонија предводена од првиот селектор Андон Дончевски во Крањ ја совлада Словенија со 4:1. Стрелец на историскиот прв гол за Македонија беше Зоран Бошковски-Чоко. Потесетување на тие историски моменти за македонскиот фудбал, низ разговорот со тогашниот селектор, Андон Дончевски.
"13 октомври 1993 година - денот за паметење на македонскиот фудбал, ќе биде запишан со "златни" букви во спортската историја на независна и суверена Република Македонија.
На зелениот килим во Крањ ( Република Словенија ) на својот прв официјален меѓудржавен натпревар " А " репрезентацијата на Македонија ја победи соодветната селекција на Словенија со 4:1 (2:0), а со прикажаната игра и постигнатите голови изнуди силни аплаузи - бура од одушевување и искрена радост кај сите македонски фудбалски срца, која по натпреварот уште на стадионот се претвори во големо славје, со завивање на сирените и развиените алови знамиња од многубројните Македонци, кои живееат и работат во Словенија"...
вака го започнува извештајот од првиот официјален натпревар на Македонија новинарот Мијалчо Дургутов на страниците на неделниот спортски магазин " СКОК"

СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-4
13 октомври 1993 година, Крањ, пријателска средба
Стрелци: 0-1 Бошковски 3. минута, 0-2 Панчев 37 (пенал), 1-2 Пате 40, 1-3 Јаневски 48 (пенал), 1-4 Канатларовски 51. минута. Жолти картони: Глиха, Георгиевски и Најдоски. Градски стадион во Крањ „Станко Млакар“. Гледачи: 3.000. Судии: Драгутин Карло Пољак (главен), Дарко Цвитковиќ, Иван Петек (сите од Хрватска).
СЛОВЕНИЈА: Марко Симеунович (од 58. минута Бранко Зупан), Грегор Жидан (58. Алфред Јерманиш), Џони Новак, Дарко Миланич, Грегор Блатник, Андреј Пољшак (61. Роберт Енгларо), Алеш Чех, Самир Зулич (37. Јанез Пате), Златко Захович, Сашо Удович (46. Примож Глиха), Матјаж Флоријанчич. Селектор: Бојан Прашникар.
МАКЕДОНИЈА: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63. Неџмедин Мемеди), Зоран Јованоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски (86. Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12. Горан Георгиевски, 73. Сашо Милошевски), Тони Мицевски. Селектор: Андон Дончевски.
Историскиот прв гол за Македонија го постигна Зоран Бошковски - Чоко во 3-та минута од натпреварот.

Стрелци на натпреварот за Македонија беа уште и Дарко Панчев, Чеде Јаневски и Драган Канатларовски.
Видео од најинтересните моменти од натпреварот Словенија - Македонија.
Дел од фотогалеријата на старниците на неделниот спортски магазин Скок.

Радоста по првата победа беше голема, како меѓу играчите така и меѓу љубителите на фудбалот во Македонија.
Радоста не ја криеше ниту селекторот Андон Дончевски. Фотографија која доволно кажува за неговите емоции и задоволство од победата.

Првиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, кој од Мелбурн отпатува за Скопје на свеченоста по повод овој јубилеј, во интервју за СБС Радио на македонски јазик се потсети на тие почетоци на македонската фудбалска репрезентација.
"Беше тешко и поминувавме низ тежок период но успеавме и посебно сум горд што бев дел од таа репрезентација. Лесно ми беше да ги мотивирам играчите бидејќи тоа беа квалитетни фудбалери и со нетрпение чекаа да излезат на теренот и да играат. Самите беа полни со мотивација. Пред натпреварот само им реков " ајде јунаци македонски - досега покажавме дека вредиме, денес она што сум ве учел прикажете го на теренот и љубовта кон Македонија нека ве носи ". Победивме и му покажавме на светот дека македонската фудбалска репрезентација е стварност "

Од тој прв натпревар поминаа 25 години во кој Македонија не може да се пофали со некој позабележителни успеси. Оттогаш Македонија одигра вкупно 222 натпревари. На овие натпревари црвено-жолтиот дрес го облекле над 250 фудбалери. Најмногу настапи има Гоце Седловски 100 пати а актуелниот капитен Горан Пандев 96 пати. Од вкупно 250 постигнати голови најмногу има постигнато Пандев 32.

Со новотото натпреварување на УЕФА Лигата на Нации, Македонија има големи шанси да се пласира на Европското првенство. Избраниците на актуелниот селектор Игор Ангеловски на дуелите против Лихтенштајн и Ерменија само треба да го потврдат првото место и да учествуваат во понатамошните борби за долгоочекуваното учество на едно големо натпреварување.



