80 пратеници го прифатија предлогот на Владата за пристапување кон уставни измени во склад со Договорот со Грција за промена на името во Република Северна Македонија. За потребата од уставни промени гласаа 80 пратеници од присутните 117 пратеници. 39-мина беа против.
Видео од продолжението на седницата за уставни измени.
По целодневните одложувања на седницата и гласините за тоа дали е обезбедено или не мнозинството, генералниот секретар на ВМРО Игор Јанушев од партиското седиште обвини дека се случувала вистинска драма во Собранието. Тој тврдеше дека структури на власта и, како што рече, структури кои одработувале за оваа власт, вршеле „жестоки уцени, закани и притисоци“ врз пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.
Ваквите тврдења ги демантираше пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов. Од собранискиот прес-центар тој рече дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ покажува огромна нервоза и безочно лаже.
Покрај 72 пратеници од владејачкото мнозинство, за пристапување кон изменување на Уставот гласаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, меѓу кои Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Елизабета Канчевска-Милеска, Владанка Авировиќ, Крсто Мукоски, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајлоска - Старова и Емилија Александрова.
Овие пратеници пред да гласат излегоа и со свои предлог барања.
Прифаќање на амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет
Прифаќање на одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа.
Постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ.
Прифаќање на иницијативата на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев искажана на 31-та седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 година за простување во врска со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување, со формирање на собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието на Република Македонија кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување, во рок од 30 дена.
Видео од прес-конференцијата на Претседателот на Владата Зоран Заев по гласањето во Собранието.
Видео од прес - конференцијата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.



