Младиот каратист Тео Цветковски својот квалитет го потврди и на првенството на Комонвелтот, освојувајќи три медали за Австралија. Негов следен предизвик ќе биде Светското младинско првенство.
Од 7 до 11 септември во Бирмингем, Англија, се одржа 10-то првенство на Комонвелтот во карате.
Репрезентацијата на Австралија беше претставена од 27 спортисти во машка и женска конкуренција кои освоија вкупно 27 медали.
Свој придонес во овој успех на Австралија даде и младиот и надежен каратист со македонско потекло, Тео Цветковски, кој освои три медали.
Тео, во поединечна конкуренција за каратисти до 21 година, во својата категорија до 60 кг, освои второ место и сребрен медал.

На клубскиот шампионат за својот клуб го освои третото место и бронзениот медал, додека со сениорскиот тим на Австралија во кумите ( борби) го освои првото место и златниот медал.
"Тоа беше напорно првенство. Имав 13 борби за 5 дена. Задоволен сум од мојот поединечен успех но и од успехот на Австралија како репрезентација".Тео Цветковски член на репрезентацијата на Австралија.
Тео Цветковски е член на карате клубот "Toshin kai" од Мелбурн, кој е дел од светската Shotokan организација и таму, повеќе од десетина години, ги совладува вештините на каратето.

Негов следен предизвик за нови успеси ќе биде претстојното Светско првенство за младинци што кон крајот на октомври ќе се одржи во Турција.
Првенството на Комонвелтот ми даде јасна слика за мојата форма и да ги видам моите добри но и слаби страни. Сега вниманието ми е свртено кон Светското првенство, ќе тренирам напорно да ја одржам и подобрам формата, да бидам што подобро подготвен со надеж дека својот квалитет ќе го потврдам и на светско нивоТео Цветковски член на репрезентацијата на Австралија.




