По осамостојувањето, Македонија иако се уште не беше членка на Европската фудбалска федерација (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА), сепак доби дозвола да настапува како репрезентација.
Тогашниот Фудбалски сојуз на Македонија првиот пријателски натпревар го договори со Словенија.
Натпреварот се одигра на 13 октомври во Крањ а Македонија забележа победа со 4:1.
Вардаровата и македонска фудбалска легенда Андон Дончевски ја имаше задачата да го селектира првиот состав на репрезентацијата.
Популарниот Чичко Дончо извади силен состав на теренот во Крањ.
Македонија на првиот историски натпревар настапи во состав Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Зоран Јовановски, Драги Канатларовски, Илија Најдовски, Чедомир Јаневски, Зоран Бошковски, Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски и Тони Мицевски.
Од клупата за резерви влегоа уште Сашо Милошевски, Горан Георгиевски, Неџмедин Мемеди и Ванчо Мицевски, а дел од составот беше и голманот Лазо Липоски.
Фудбалски имиња за почит кој секој селектор би поскал да ги има во својот состав. Тоа го потврдија и на теренот победувајќи ја Словенија со 4:1.

Прв стрелец во историјата на Македонија е Зоран Бошковски – Чоко, кој по асистенција на Панчев успеа да го постигне првиот гол, а мрежата на Словенците ја тресеа уште и Дарко Панчев, Драган Канатларовски и Чедомир Јаневски.
Словенија преку Пате успеа да постигне само почесен гол.

И покрај сите проблеми на организациски план, заминавме за Словенија со желба да се појавиме за прв пат пред фудбалскиот свет но и да ја претставиме Македонија најдобро што можеме- се сеќава селекторот Андон Дончевски и додава:
" Постоеше голем елан кај фудбалерите и со нетрпение го чекаа моментот да истрчат на теренот. Желбата за победа на првиот натпревар кај нив беше голема и тоа се виде по резултатот и по играта".
Пред натпреварот како селектор само им реков " Што да ве учам допрва деца, она што сум ве учел досега покажете го, само тоа покажете го на терен ќе биде доволно".

Видео со најважните моменти од овој историски натпревар од директниот телевизиски пренос на МРТ.
Македонија потоа одигра уште неколку пријателски натпревари на кои забелжа победи, но за целосно да се заокружи фудбалскиот пат на светската фудбалска мапа Македонија требаше да стане членка на УЕФА и ФИФА.
Тоа се случи во 1994 година кога најпрвин стана членка на УЕФА а потоа на 16 јуни на конгресот на ФИФА во Чикаго за време на СП во фудбал Македонија беше примена како 186 членка на ФИФА.
Имавме и таму проблеми вели чичко Дончо кој како селектор заедно со тогашниот прв човек на ФСМ Љубисав Иванов-Ѕинго учествува во работата на конгресот и вели
"И таму имавме потешкотии бидејќи од тогаш добро познатите политички причини не можевме да го истакнеме македонското знаме како што е редот и процедурата. ФИФА инсистираше да не прими под знамето на ФИФА наместо под македонското".
Претседателот Иванов се двоумеше дали да прифати или одбие се сеќава Дончевски велејќи
"Во тој момент јас мислев дека ако не го земе знамето на ФИФА ќе направи грешка" притоа ме издаде гласот и силно му викнав
" Претседателе те молам земи го знамето бидејќи можат да не елиминираат и да биде на наша штета. Како да ме послуша и го зеде знамето. Со тоа и почнува нашето патешествие во фудбалскиот свет".
Македонија првиот настап од натпреварувачки карактер го имаше во квалификациите за ЕП 1996. Беше во група со Данска, Шпанија, Белгија, Кипар и Ерменија.
На 7 септември во Скопје гостуваше Данска актуелен шампион на Европа. Натпреварот заврши нерешено 1:1.
Во групата беа уште Шпанија, Белгија, Кипар и Ерменија. Македонија го освои четвртото место во групата.
За Андон Дончевски во сеќавање се уште останува и натпреварот против Белгија одигран во Брисел. Повторно од политички причини УЕФА инсистираше натпреварот да се игра без истакнување на македонското знаме.
"После нашето инсистирање дека нема да излеземе на терен ако не се интонира нашата химна и истакне знамето, беше решено да се интонираат химните на двете држави но без знамиња" вели Дончевски и продолжува " ние се договоривме кога ке се свири нашата химна сите фудбалери да се свртат кон трибината каде што имаше стотици македонски знамиња. Така и бидна, официјалните лица останаа изненадени од ваквиот наш потег но ние само сакавме да се испее химната и виори македоснкото знаме".





