Учениците по македонски јазик од Викторија од генерацијата 2022 година ја одржаа традиционалната матурска вечер. На матурската вечер беа претставени и учениците од генерацијата 2020 и 2021 година кои поради заклучувањата не одржаа матурска вечер. На учениците со постигнати одлични резултати на испитот по македонски јазик им беа доделени пригодни награди.
За јазикот
- "Без јазик ќе си недостигаме самите на себе зошто само јазикот никогаш не не оставил сами и тој памети повеќе отколку што ние можеме да заборавиме" - Петре М. Андреевски
- "Јазикот е нашата единствена татковина" - Блаже Коневски
- “Милоста кон нашиот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зошто е наш, исто така, како што ни е наша и татковината” - Крсте Петков Мисирков.
По пауза од две години поради пандемијата со Ковид-19, годинава се одржа традиционалната матурска вечер на која на учениците од 12-та година кои го изучуваа македонскиот јазик свечено им беа врачени дипломите.
На матурската вечер беа претставени матурантите од Викториските јазични училишта во Килор Даунс, Поинт Кук, Џилонг и Томастаун заедно со нивните учители Весна Дамчевска, Менде Стојчевски, Симона Петков и Аница Савески.

Матурската вечер се одржа во организација на друштвото на учители по македонски јазик во Викторија кое годинава одбележува 40-ет години од своето постоење.
Како гости на матурската вечер покрај родителите на учениците присуствуваа и Џуди Бени - вршителка на должноста директор на Викториските јазични училишта, Вики Грас-Ферер од училишниот центар во Томастаун, Сарино Принзи од центарот во Килор Даунс и Дејвид Кабери од училишниот центар во Поинт Кук.

Претседателката на учителското друштво по македонски јазик во Викторија, Јованка Смилевска им го честита успехот на матурантите но упати и благодарност до нивните родители за поддршката.
Изучувањето на јазикот не е само учење на зборови, учениците ја запознаваат и Македонија, каде се родени нивните родители, баби, дедовци и нејзиното културно и природно богатство, традицијата и историјата иако е таа далекуЈованка Смилевска, учителка
На матурантите им се обрати и Сања Зографска, Генерален конзул на Македонија во Мелбурн. Г-ѓа Зографска откако им го честита успехот на матурантите им поска успех и во понатамошното школување и ги нарече "најдрагоцен мост" за соработка меѓу австралиското и македонското општество.
Да работиме заедно на продлабочување на соработката, размената на мислења и идеи. Да ги здружуваме знаењата, вештините и талентите на сите наши претставници од дијаспората и татковината. Да работиме на што поинтензивна размена на информации и нови идеиСања Зографска, Генерален конзул на Р.Македонија во Мелбурн
Весна Дамчевска од училишниот центар за јазици од Килор Даунс порача дека и идните генерации треба да го изучуваат мајчиниот јазик.
Јас ве гледам како амбасадори на нашата татковина која ја носиме сите во срцето каде и да сме во светот. Тоа што сме далеку од нашата татковина не значи дека не треба да го негуваме и афирмираме македонскиот јазикВесна Дамчевска, учителка
На матурската вечер беа претставени и матурантите од генерациите 2020 и 2021 година кои поради пандемијата со Ковид-19 немаа можност да го прослават завршуавањето на изучувањето на македонскиот јазик.

Учителката Гордана Јанинска на ученичките Александра Стојовска и Марија Велјановска кои постигнаа одлични резлтати на испитот по македонски јазик им врачи пригодни награди.




