Триесет и петмина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста се изјаснија против меморандумот што го испрати официјална Софија до членките на Европската Унија во кој се изнесени ставови против напредувањето на Македонија на патот кон ЕУ. Во писмото под наслов „Европа не нè разбира”, според потписниците, Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Македонија.
Во писмото, потписниците велат:
„Не веруваме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите нејзини специфики, фундаментално се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту пак сметаме дека може да се сведе на формулата во меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг”. Се спротивставуваме и на претставувањето на македонската нација како плод најугословенска пропаганда”.
Потпишаните интелектуалци сметаат и дека наводите во меморандумот за идентитетот на, како што велат: „преовладувачкото мнозинство на словенското население во Македонија” се историски наивни и не одговараат на достигнувањата на модерната историографија, социјалната и хуманитарна наука. Според нив, тие наводи се предмет на застарено разбирање на „националната историја” што е несоодветно во однос на критичката историска наука денес.





