Watch FIFA World Cup 2026™

LIVE, FREE and EXCLUSIVE starting June 12 2026

"ДИЏЕЈ АХМЕД" – ТРИУМФ НА МАКЕДОНСКАТА КИНЕМАТОГРАФИЈА

Still 2024-11-29 174943_1.555.1.png

Ова е еден од трите најдобри филмови од македонски автори на сите времиња и едно од најдобрите филмски остварувања во светската кинематографија во минатата година.


Published

Updated

By Maja B.Talevska

Source: SBS


Share this with family and friends


Ова е еден од трите најдобри филмови од македонски автори на сите времиња и едно од најдобрите филмски остварувања во светската кинематографија во минатата година.


“Можам да видам зошто победи на Санденс”, вели една од неколкуте анкетирани Австралијки, на прашањето што ги натера да го гледаат “Диџеј Ахмед” на Георги М. Унковски, во киното “Нова” во Мелбурн и што мислат за овој филм по проекцијата.

Олеснување е кога добиваш потврда дека не си пристрасен. Дека националните, не ти ги замаглиле естетските и интелектуални инстинкти. Всушност, за овој филм одекна токму откако освои две значајни награди на водечкиот фестивал за независен филм во светот, кој воедно го нарекуваат и “фабрика за режисерски таленти”.

DJStills_1.560.1.png

Имено во своето, скоро полувековно постоење, “Санденс” ги откри Квентин Тарантино (Pulp Fiction, Kill Bill, Inglourious Basterds - еден од највлијателните режисери на последните 30 години), Стивен Сотенберг ( Sex, Lies, and Videotape, Erin Brockovich, Ocean's Eleven - освои Оскар за режија и практично ја започна модерната ера на американскиот независен филм), Пoл Томас Андерсон (There Will Be Blood, The Master, Phantom Thread, често е на листите на најголеми живи режисери.) Вес Андерсен (The Grand Budapest Hotel, The Royal Tenenbaums – еден од најоригиналните режисери на денешнината со препознатлив визуелен јазик), Рајан Кугкер (еден од најуспешните режисери кои преминале од независен филм во блокбастери), Таика Ваити Клои Жао (Nomadland, втора жена во историјата што освоила Оскар за најдобра режија), Рајан Џонсон ( Star Wars), Демијан Шезел (La La Land - најмладиот добитник на Оскар за најдобра режија.

До македонската јавност, овој фестивал го приближија наградите на Тамата Котевска и Љубомир Стефанов за “Медена земја” во 2019 (прв документарец од регионот со 3 награди на еден фестивал, номиниран за Оскар во две категории ), наградата на Горан Столевски во 2018, (Would You Look At) и селекцијата и премиерата на “Налепница” на Георги М. Унковски во 2020. Можеби тогаш Унковски не успеа да освои награда, но затоа пет години подоцна, со “Диџеј Ахмед” се врати на “Санденс” и приреди класично режисерско veni vidi vici, освојувајќи ги двете големи признанија, Награда од публиката (Audience Award: World Cinema Dramatic) и Специјалната награда од жирито (World Cinema Dramatic Special Jury Award for Creative Vision).

Можам да видам зошто победи на Санденс
Австралијка од публиката во кино "Нова" во Мелбурн

Овој филм, минатата година беше прикажан на водечките австралиски филмски фестивали ( Melbourne International Film Festival, Sydney International Film Festival), а годинава се врати и во моментот е на репертоарот на најдобрите кина за уметничка и алтернативна кинематографија во Австралија. Зошто?

Без многу заобиколување и без двоумење, затоа што ова е еден од трите најдобри филмови од македонски автори на сите времиња и едно од најдобрите филмски остварувања во светската кинематографија во минатата година.

Се случува во мало, рурално село меѓу Радовиш и Струмица, во Македонија, во културолошки и визуелно колоритната средина на турското малцинство, Јуруците. Приказната го следи 15-годишниот Ахмет – момче кое живее меѓу желбата да биде дете и да полага тест по географија со врсниците и прерано наметната обврската на возрасен да ги чува овците. Меѓу желбата да го заштити своето мало братче и очекувањата да се покори пред авторитетот на својот традиционален татко. Меѓу строгите традиции на неговото семејство и желбата да избега во светот на музиката.

DJStills_1.552.1.png

“Диџеј Ахмед” е филмска приказна раскажана од извонредно талентиран автор. Од првиот до последниот кадар, филмот те зграпчува и не ти дозволува да земеш здив. Нема вишок кадар, нема празни одови, нема непотребни реплики. Секоја сцена е форензички прецизна до нанометар.

Унковски е самоуверен возач на емотивен ролеркостер, кој во еден момент ја влече публиката надолу, во амбисот на тагата, па дури и хоророт (сцените со малиот Наим, исцелителот), а веќе следниот ја брилијантно ја вивнува во воздухот и ја скокотка, додека таа се смее на глас (“Password: Алах е еден, не со прашалник, никако! Со извичник!”).

Ова е филм, што во манирот на најдобрата кинематографија на 21 век, спојува неколку жанрови во едно, но во кој сепак главниот збор го имаат coming of age, комедијата и љубовната приказна.

Still 2024-11-29 174943_1.950.2.png

Ликовите се вајани од раката на сценаристички Роден - полнокрвни, тридемензионални, реални, а истовремено возбудливи и оригинални.

Кога ќе се сретнат на филмското платно одлично сценарио и извонредна глума (Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмед), тоа кај публиката создава потреба одново да го редефинира односот меѓу фикцијата и реалноста. И да си поставува прашања од типот, не е ли фикцијата, како “Диџеј Ахмед”, која носи голема универзална, речиси космичка приказна, дестилирана од најдлабоките и најискрените предели на човечката природа, пореална од којабило приказна што денеска ќе ја прочитаме во медиумите?!

Зборувајќи за носечката тема на овој филм, јасно е дека ова е уште една филмска битка меѓу модерното и традиционалното. Но, како и секој одличен филм, ова е повеќеслојна приказна, а една од најсилните нејзини пораки, е онаа дека индивидуата дури и во екстремни случаи на непросветленост, која се обидува да излекува траума или мутизам со бајач, доколку го зборува универзалниот јазик на љубовта, може да се искупи и да го најде патот надвор од амбисот.

И тоа е филозофското и енергетско гориво од кое се случува една од најдобрите и најнеочекувани трансформации на ликовите во овој филм, ликот на таткото. Карактер, кој во духот на најдобрата уметност, отвара, уште една низа прашања, овојпат за родителството и за добрите намери со кои се поплочени и патот до пеколот, но и патот до рајот! (со извичник).

Still 2024-11-29 174943_1.123.1.png

Филмот започнува и завршува со хорот, односно со колективното, толку познатата судбинска детерминантна, алфата и омега во традиционални средини, каква што е јуручката ( но, и македонката и балканската воопшто).

Still 2024-11-29 174943_1.743.1.png

Со таков фон во позадина, победата на индивидуализмот добива уште поголема тежнина и придонесува овој филм да биде најновиот триумф на македонската кинематографија.

 

Still 2024-11-29 174943_1.708.1.png

Latest podcast episodes

Follow SBS Macedonian

Download our apps

Listen to our podcasts

Get the latest with our exclusive in-language podcasts on your favourite podcast apps.

Watch on SBS

Macedonian News

Watch it onDemand

Stream now