ФК Престон Лајонс во последните години вложи многу во развојот на младинскиот и женскиот фудбал, а се најавува и нов проект со вклучување на млади фудбалери со домородно потекло. Желба на клубот е да стане место и средина каде младите генерации фудбалери од различни културни средини, ќе ги совладуваат фудбалските вештини и ќе уживаат во фудбалската игра.
Во годината кога ФК Престон Лајонс, уште познат и како Престон Македонија, прославува 75-години од своето постоење, од Фудбласката Федерација на Викторија, за клубот стигна ново признание.
Прогласен е за Митрополитен клуб на годината за соработка со заедницата и развој на фудбалот.
Покрај успехот на сениорскиот тим со промоцијата во втората Национална Премиер лига на Викторија и шампионската титула на женскиот тим, клубот инвестираше многу за да го направи фудбалот што е можно попристапен за што повеќе млади фудбалери, како во машка така и во женска конкуренција.

Ако до пред десетина години клубот имаше околу 35 членови во младинските школи, сега има повеќе од 350 членови кои припаѓаат на над 40 различни културни заедници.
Тие се дел од програмите MiniRoos, Juniors и Lions Club ( од 4 - 6 годишна возраст).
Со максимално ангажирање и отвореност на управата за соработка со заедницата, клубот инвестираше многу за да ја направи фудбалската игра што е можно попристапна за повеќе млади фудбалери и засега успеваме во тоа и секако не застануваме овде, продолжуваме и понатаму во развојот на фудбалската игра.Дејвид Цветковски, претседател на ФК. Престон Лајонс
Престон Лајонс исто така направи големи напори во развојот и на женскиот фудбал.
Учеството на младите девојки во 2022 година беше зголемено за 30%, што е доволен доказ за посветеноста на клубот за родова еднаквост и еднакви можности.
Тоа, само оди во прилог на развојот на женскиот фудбал, според програмата и политиката на Фудбалската Федерација на Викторија, која има за цел, до 2027 да се изедначи со машкиот фудбал.

Престон Лајонс ќе продолжи да инвестира и во иднина, младите фудбалери да уживаат во фудбалската игра, најавувајќи нов проект.
Како клуб ќе лансираме проект специјално дизајниран за јуниори со домородно потекло. Проектот ќе го води капитенот на првиот тим Бенџи Ливидикос, и самиот млад домороден лидер. Програмата ќе има за цел, да создадеме што подлабока поврзаност со младите домородни семејства и децата кои сакаат да уживаат во фудбалот како спорт.Дејвид Цветковски, претседател на ФК. Престон Лајонс

Во меѓувреме, управата на клубот максимално е ангажирана и за исполнување на посебните услови на Фудбалската Федерација на Австралија со цел да обезбеди место во новата Национална лига во која ќе бидат вклучени клубови од цела Австралија.
Подготовките за новата сезона, се очекува да започнат кон крајот на ноември, а претседателот на клубот, за СБС радио откри, дека со миленикот на навивачите и најдобриот фудбалер за минатата сезона, Конор Бел, потпишан е нов договор за да ги брани боите на клубот и во новата сезона.
Промотивно видео со кое клубот одбележа 75 години од основањето.




