Во чест на легендарниот Елвис Присли, неговата музика и наследство, секоја година во Лас Вегас се одржува фестивал со учество на двојници "impersonators" на "кралот на рокенролот".
Секој не може да ги обуе чевлите или облече било кој од неговите познати костими.
Но за Ване "Елвис" Црнгаров од селото Куклиш во Република Македонија, кој сега живее и работи во Мелбурн, судбината и мајката природа како да си поиграла со него.
Со својот изглед и милозвучен глас Ване како да е предодреден за улогата имитатор (impresonater)на Елвис Присли.

И самиот Ване Црнгаров за програмата на Македонски јазик на СБС радио вели:
" Уште кога бев дете ми велеа дека изгледам како Елвис. Подоцна кога како солист на хармоника и фолк музика настапував со мојот музички состав секогаш бараа од мене да испеам и по некоја песна од Елвис".

Но како млад тој не се занимавал сериозно со имитирање на "кралот на рокенролот".

Животниот пат Ване Елвис Црнгаров во 1997 година го носи во Мелбурн.
Без познавање на Англискиот јазик но со својата дарба за музика и голема желба да успее во својата нова "татковина".
" Овде уште повеќе ме препознаваа како Елвис вели жителот на Мелбурншката населба Хилсајд. Ме застануваа на улица, во трговски центри, сакаа да се фотографираат со мене и да им запеам нешто. Сето тоа ми даде инспирација и мотивација да започнам со имитирање на Елвис Присли но и да се ослободам малку и од срамежливоста но и од стравот дека не е лесно да го доловиш ликот на "Кралот".

После позитивните критики и коментари околу сличноста со Елвис, дотогаш срамежливиот Ване одлучува да се посвети на новиот предизвик како имитатор на Елвис.
"Започнав со учење на Англискиот јазик но и поминував и по два часа гледајќи и слушајќи го кралот на рокенролот, ги вежбав неговите карактеристични движења за што по автентично да го доловам ликот на Елвис"- вели Ване
Ване полека но сигурно започнува да живее како Елвис Присли.
Следуваат настапи на забави и културни манифестации.
Во 2007 година, тој доби можност да учествува на фестивалот Елвис во Лас Вегас.
Неговиот сон беше исполнет.
Во јули годинава, Ване учествуваше на истиот фестивал втор пат по ред.

Тој ни откри дека во Лас Вегас бил претставен како Македонец од Австралија за што го добил и прекарот "Елвис со македонски акцент".
Се сретнал со многу современици на легендарниот пејач а позитивните коментари што ги добил се однесувале особено на неговиот природен изглед и сличност со Елвис Присли.
"Кај мене се е природно. Нашата Македонска природа ми даде можност да изгледам како Елвис - и стас и глас. Не кроистам никакви дополнителни корекции или шминка. Тоа е мојата најголема предност и горд сум на тоа"- вели Ване.

Зад овој успешен сопруг и татко е неговото семејство. Неговата сопруга Елизабета и две ќерки кои наследиле дел од талентот на Ване, и двете свират на пијано.
Ване прв пат ја сретнал својата идна сопруга на забава во Мелбурн. Таа за СБС радио ни откри дека пред своите родители Ване го претставила со зборовите "Зет ќе ви биде Елвис Присли".

Елизабета вели: " Среќна сум што имам сопруг кој зрачи со топлина и шарм и кој секогаш внесува позитивна енергија во нашиот дом. Со големо задоволство се грижам за неговите костуми од Елвис и го придружувам на неговите патувања. Улогата на Ване како Елвис не ни смета во приватниот живот"

Еве дел од разговорот со сопругата на Ване Елизабета.
Возачот на школски автобус во текот на денот, во меѓувреме, издаде две ЦД со обработени песни од својот идол и вели дека има уште една желба:
"Желба ми е а и веќе почнав да работам на тоа еден ден да одржам двочасовен концерт во живо со оркестар и да исполнам песни од репертоарот на Елвис.
Работам и на други проекти но засега нека остане во тајност " вели Ване

И Маргарита беше изненадена од извонредната сличност на Ване со Елвис.

Ване "Елвис" Црнгаров во студиото на СБС радио со Васе Коцев.
И конечно, Ване објаснува што за него значи името на Елвис Присли:
"Елвис е мит, Елвис е легенда. Единствен и незаменлив. Иако не е со нас, неговите безвременски хитови сè уште се слушаат.
Фактот дека јас изгледам како него е привилегија и ме исполнува - но ми недостасува како музичар и пејач" - вели единствениот македонски имитатор на Елвис Присли, Ване Црнгаров.

Ване Елвис Црнгаров е роден на 16 август 1974 година. Три години подоцна, Елвис Присли починал на истиот ден и месец.
Фотогалерија со Ване Елвис Црнгаров
Ване вели дека негова омилена песна е "In The Ghetto"




