"Работата ве одржува здрави и млади", вели за СБС на македонски Весела Грујоска, која што работи за државната компанија "Транспорт на Нов Јужен Велс" цели 50 години и дури и во деветтата деценија од животот не мисли наскоро да се пензионира.
За оваа енергетична жена со неверојатна работна етика, компанијата организира свеченост на која што и беше оддадено признание за половина век служба, без речиси ниту ден отсуство поради боледување.
Македонската тивка хероина, која што 50 години ја оддржува хигиената на станицата Централ во Сиднеј на градската железница, поттекнува од охридското село Косел.
Весела имала тешки почетоци во Австралија, кога по разводот поради тешкотии во бракот, останала самохрана мајка на две мали деца, без познавање на јазикот, без пари и дом.
Но, тоа не ја поколебало да смогне сили, да најде работа, да им даде поддршка на своите деца да завршат факултет и да се стекне со сопствен покрив над главата, преку макотрпна и чесна работа.





