Игор Ангеловски испиша историја и ќе остане запаметен како прв селектор кој успеал да ја однесе македонската фудбалска репрезентација на едно Европско првенство. На тој начин го исполни аманетот оставен од првата "легендарна" репрезентативна генерација по независноста на Македонија, предводена од Андон Дончевски. СБС радио на македонски јазик имаше чест и задоволство да разговара со овие две тренерски имиња кои ќе останат запишани со златни букви во историјата на македонскиот фудбал.
Македонската фудбалска репрезентација со победата над Грузија во финалето од УЕФА Лигата на Нации за прв пат во својата историја обезбеди пласман на едно ЕП.
Селекторот Игор Ангеловски вели дека за овој историски успех најголема заслуга имаат фудбалерите а за себе вели дека по успешно спроведената мисија е најсреќен човек на светот.
"По овој успех јас сум најсреќниот човек на светот зошто како селектор успеав да ја однесам репрезентацијата на ЕП што беше сон на сите нас од осамостојувањето на Македонија".
Историскиот успех на Македонија беше забележан од сите европски медиуми но и ги направи среќни и горди симпатизерите на репрезентацијата ширум светот па и во Австралија.
Честитките од името на Македонците во Австралија но и од негово лично име до фудбалерите и за селекторот Ангеловски преку брановите на СБС радио му ги пренесе првиот македонски селектор легендарниот Андон Дончевски.
"Честитки за успехот. Не надмина сите нас твои претходници тренери. Верував во твоите способности, направи силна репрезентација ги обедини и сплоти сите и сите играа како еден. Покрај заслугата на фудбалерите и ти имаш голема заслуга за овој успех затоа твоите резлтати ги почитувам".
Игор Ангеловски седна на клупата на македонската репрезентација во 2015 година, кога навивачите беа целосно разочарани од резултатите и залагањето и кога слободно можеше да се каже дека Македонија чекори кон фудбалското дно. Игор Ангеловски успеа да направи целосна трансформација на репрезентацијата.
"Прво што направив е што успеав да го вратам Горан Пандев и да биде лидер на репрезентацијата. Побарав од фудбалерите да даваат се од себе и со почит да го носат дресот со државниот грб" вели Ангеловски и продолжува
"Создадовме едно семејство во кое славиме и Велигден и Бајрам, се почитуваме меѓусебе ја почитуваме различноста и навистина сум среќен но и благодарен на фудбалерите за се што направија досега".

Финале не се игра финале се победува за тоа бев свесен вели Ангеловски и пред натпреварот имав краток мотивациски говор пред фудбалерите каде меѓу другото им реков:
" До денес бевте мои победници денес сакам да излезете на терен и да бидете мои херои а вашите имиња веќе се изгравирани и само се чека да бидат запишани со златни букви во македонската фудбалска историја. Денес сите сме едно и денес победува тимот".
Тимот навистина играше добро и победи а судбината сакаше победничкиот гол да го постигне токму најискусниот, водачот на репрезентацијата, капитенот Горан Пандев.

Договорот на Игор Ангеловски со ФФМ завршува кон крајот на 2020 година. Тој вели својата работа си ја завршил со пласманот на ЕП и има желба да ја води Македонија и на првенството.
"Нормално дека сакам да ја водам Македонија на ЕП, но тоа сега не зависи од мене туку од првите луѓе на ФФМ. Досега не сме започнале никакви преговори за продолжување на договорот. Сега на потег се од ФФМ".

Македонија на ЕП за противници во групата ќе ги има Холандија, Украина и Австрија. Со Украина и Австрија ќе игра во Букурешт а со Холандија во Амстердам.
Ангеловски вели доколку му дадат повторно доверба да ја води репрезентацијата на ЕП основна цел ќе биде да се помине групната фаза и да бидат изненадување.
"Мора да веруваме во себе, само да заврши пандемијата со коронавирусот и нашите навивачи да бидат на стадионот во Букурешт е тогаш моите фудбалери можат чуда да направат. Можат да не сметаат за аутсајдери но не можат да ни го одземат правото да се бориме".





