Лазарова сабота и Цветници се едни од поголемите христијански празници и се предвесници на "празникот над празниците" Велигден. За значењето на овие празници, слушнете повеќе во разговорот со Протореј-ставрофор Ефтим Бетински.
Лазарова сабота или позната меѓу народот и како Лазара или Лазарица е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден.
На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота.
На Лазарова сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците.

Веднаш по Лазарова сабота е празникот Цветници. Познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, секогаш е една недела пред Велигден.
Се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал.
Во таа смисла и празникот е наречен Цветници и уште од најрани христијански времиња е востановен и се празнува од третиот век.




