Македонската фудбалска репрезентација се пласираше на Европското првенство во 2021 година, откако победи со 1-0 против Грузија во Тбилиси, со голот на капитенот Горан Пандев.
Македонија и Грузија во меѓусебната пресметка се бореа за прво учество на Европско првенство во фудбал.
Две желби а само едно место кое на крајот и припадна на Македонија. Благодарение на голот на капитенот Горан Пандев, Македонија стигна до победа од 0:1 на гостувањето кај Грузија.
Победничкиот гол на Горан Пандев можете да го видете на овој линк.
Горан Пандев кој следната година ќе наполни 38 години го постигна својот 36 гол во дресот на Македонија за кого има одиграно 114 натпревари.

По натпреварот херојот на Македонија, Пандев изјави:
„Пресреќен сум, ова е крајно емотивен момент за мене и за целата репрезентација. Одигравме одличен натпревар, пласманот на ЕП 2020 е сон на сите нас, пресреќни сме што овој сон сега стана реалност. Јас само сакав да им помогнам на овие момци, ова е фантастична група од млади фудбалери кои го заслужуваат овој успех".
Игор Ангеловски-Мрме ќе остане запаметен како прв селектор кој успеал со репрезентацијата да обезбеди учество на едно големо натпреварување. После петгодишна макотрпна работа на фудбалски план и го донесе најголемиот успех на Македонија.
По натпреварот не можеше да ја скрие радоста но и солзите радосници.
"Може слободно да кажам дека ние обединето живееме во репрезентацијата пет години, како едно големо семејство. Тоа беше нашиот рецепт за да дојдеме до успехот и пласманот на ЕП. Среќен сум што работам со вакви фудбалери кои знам дека и во иднина ќе ни носат уште поголеми спортски успеси“ – истакна Ангеловски по натпреварот.

По завршувањето на натпреварот радоста кај фудбалерите и стручниот штаб беше голема. Победата се прославуваше ширум Македонија а честитки до фудбалската репрезентација пристигнуваа од сите страни.

Македонија на претстојното Европско првенство ќе биде во групата Ц а за противници ќе ги има Холандија, Украина и Австрија.





