Македонците во Нов Зеланд неодамна за прв пат формираа КУД кое го носи името "Македонија", бидејќи македонските песни и ора и понатаму остануваат најмоќното "орудие" за негување на македонската култура и традиција. Воедно се пренесува и на помладите генерации за да не си ги заборават своите корени. Драган Атанасов е еден од основачите и воедно кореограф во фолклорниот ансамбл. Во разговорот со него во аудио записот слушнете за почетоците но и идните планови на фолклорниот ансамбл.
Cо зголемувањето на бројот на македонската заедница во Нов Зеланд се наметна и потребата од организиран живот во заедницата.
Фолклорот со убавите македонски песни и ора секако е еден од најдобрите можности за дружење и забава.
По иницијатива на Драган Атанасов кој над дваесет години живее и работи во Нов Зеланд и има допирни точки со музиката за прв пат во оваа земја се формира фолклорен ансамбл кој го носи името " Македонија".
Драган Атанасов кој е кореограф вели:
" Со зголемувањето на бројот на Македонците и особено младите дојде вистинскиот момент да се формира и еден фолклорен ансамбл. Идејата која ја имав од поодамна им ја соопштив на другите и добив подршка".

КУД по неколкуте дена вежбање и проби својот прв настап го имаше на средбата организирана од заедницата по повод Велигденските празници.

" Несебична помош добивам од сите особено од оние кои имаат искуство играјќи во фолклорни ансамбли во Македонија. За народните носии заслужни се неколку жени на чело со Убавка Баџакова кои за играорците ги стокмија по мерка за кратко време " - вели Атанасов.
Играорците од Нов Зеланд сакат да соработуват и да добијат помош и од македонските играорни друштва од Австралија.
Кореографот Драган Атанасов вели:
" Секако ни е потребна помош и да размениме искуства "
но и со гордост вели
" Веќе ја добивме и првата покана да гостуваме во Австралија. Во октомври патуваме за Канбера каде не покани македонското друштво и ќе настапиме на нивниот концерт како гости".
Изненаден сум од одзивот за членување во фолклорниот ансамбл вели Атанасов а за плановите во иднина вели:
" Во план ни е да формираме две групи. Една за повозраснии една за помлади играорци и ним да им го пренесеме сето наше знаење и во иднина да ја чуват и негуваат македонската култура и традиција и овде во Нов Зеланд ".





