Во 2016 година, престижниот светски моден магазин "Вог", праша "Зошто Македонија станува гурманска дестинација?", a oдговорот кој магазинот го даде беше: “Луѓето во Македонија се едни од најгостопримливите во светот, а храната е една од оние во Европа, што нудат најголемо задоволство". Инспирирани од тоа, "СБС на македонски" истражуваше, какви се шансите на македонската кујна за поголемо присуство во австралиското угостителство, на оваа широка и исклучително конкурентна, мултикултурна, австралиска трпеза, каде скоро и да нема национална кујна што не е застапена, но, на која сепак доминираат само неколку. Имаат ли Македонците во Австралија добар коњ за трки на полето на угостителството, и колку силно може да трча тој? Со цел да дојдеме до дел од одговорите на овие прашања, разговаравме со неколку сопственици на ресторани и угостителски објекти, кои на австралискиот пазар настапуваат со автентична македонска храна.