SKIP TO MAIN CONTENT

Златко Настевски еден од најдобрите напаѓачи во фудбалската историја на Австралија

Zlatko Nastevski
Златко Настевски во дресот на Вулонгонг Македонија и примањето на наградата за фудбалер на годината во Австралија за 1989 год. Source: Supplied

Од Вардар преку Работнички и Пелистер до Австралија. На теренот елегантен, културен но опасен и безмилосен кон противничките голмани. Најдобрите моменти во кариерата ги имаше во Маркони Сталионс. Најдобар играч и стрелец во 1989 година. Со своите 30 голови на 36 натпревари се уште го држи рекордот во Австралија за најмногу постигнати голови во една натпреварувачка сезона.


Published

By Vase Kocev

Source: SBS


Skip to podcast episode content

Од Вардар преку Работнички и Пелистер до Австралија. На теренот елегантен, културен но опасен и безмилосен кон противничките голмани. Најдобрите моменти во кариерата ги имаше во Маркони Сталионс. Најдобар играч и стрелец во 1989 година. Со своите 30 голови на 36 натпревари се уште го држи рекордот во Австралија за најмногу постигнати голови во една натпреварувачка сезона.


Златко Настевски еден од најдобрите стрелци во историјата на aвстралискиот фудбал првите фудбалски чекори ги прави во најтрофејниот македонски клуб Вардар. Со неговиот талент и добри игри се наметнува кај тренерите во младинските екипи.

"Почнав во Вардар во најмладите категории. Имав среќа да ме тренираат добри тренери. Ванчо Трпевски за мене се уште е најдобар тренер во светот бидејќи ме научи на сите технички работи во фудбалот. Секако за мојот развој како фудбалер заслуга имаат уште и Сократ Мојсов, Мирко Илиевски, Андон Дончевски и други тренери од кои ги учев фудбалските вештини" - вели Настевски.

Со младинската екипа на Вардар Настевски во 1975 година ја освојува и шампионската титула во поранешна Југославија.

Zlatko Nastevski- Vardar
ФК Вардар младински прваци на Југославија 1975. Златко Настевски втор од десно во долниот ред. Source: Supplied

Во 1977 година играат и во финалето на младинскиот фудбалски куп каде што се поразени од ФК. Сараево.

Zlatko nastevski - Vardar
Фк Вардар на финалниот куп натпревар за младинци 1975 година Белград. Настевски прв од десно клекнат. Source: Supplied

Во 1976 година Златко е дел од сениорската екипа на Вардар каде останува се до 1981 година и во тој период се натпреваруват во втората и првата лига на Југославија.

FC Vardar
Златко Настевски дел од првиот тим на Вардар. Втор од лево во првиот ред. Source: Supplied

После играњето една сезона во Работнички, Настевски се сели во Пелистер од Битола. Во градот под Пелистер останува се до 1986 година а клубот се натпреварува во втората југословенска лига. Настевски е еден од клучните играчи во тимот и покрај организирањето на играта се истакнува и со голгетерските способности.

"Пелистер во тоа време беше силен тим предводен од тренерот Жарко Недељкович а покрај мене во тимот беа и Канатларовски, Китановски, Хусеин, Ивановиќ, Јовашевиќ и други познати имиња. Беше вистинска штета што градот немаше доволно сили да застане зад клубот и да играме во првата лига" - вели Настевски

FC Pelister
Златко Настевски со ФК. Пелистер Битола Source: Supplied

Во 1986 година Златко Настевски заминува на фудбалска печалба во Австралија. Негов прв клуб е Рокдејл Илинден. Клуб на македонската заеднца во Сиднеј.

" Ркодејл Илинден имаше добра екипа но не беше подготвен да влезе во Националоната лига. И овде до израз дојдоа моите голгетерски способности и завршив како најдобар стрелец" - истакнува Настевски

На еден натпревар за Рокдејл Илинден, Настевски постигнува 7 гола и со добрите игри станува миленик на навивачите но и го свртува вниманието на клубовите од Националната лига.

Желбата за докажување во австралискиот фудбал го носи во Маркони Сталионс. По неговото пристигнување Маркони ја има една од најсилните екипи во лигата.

"Маркони Сталионс во тоа време беше добро организиран клуб, со квалитетни играчи и имавме неколку успешни сезони каде водевме главен збор во лигата".

Maroni Stallions FC
Златко Настевски со Маркони Сталионс стои прв од десно. Source: Supplied

И навистина беа успешни за Маркони Сталионс и Настевски. Три години по ред играат во големото финале на Националната лига и освојуваат две титули.

Во 1988 година во финалето се подобри од Сиднеј јунајтед дури по изведувањето пенали. Настевски е клучен играч. Го постигнува израмнувачкиот гол а е успешен стрелец и во серијата пенали.

Во финалето во 1989 година Маркони Сталионс го победува и Сиднеј Олимпик со 1:0 . Повторно Настевски ги собра аплаузите на отворена сцена бидејќи го постигна победничкиот шампионски гол.

Во тие две години Златко Настевски игра во животна форма. Во 1989 година постигнува 30 голови на 36 натпрвари и поставува нов рекорд по број на голови во една календараска година во историјата на aвстралискиот фудбал. Тој рекорд и до денес не е соборен. Со рекордот на Настевски успеа само да се изедначи Бруно Форнаоли од Мелбурн сити со 25 голови на 30 натпревари. Настевски на натпреварот против Ст. Џорџ во Националната лига постигнува 5 голови.

Сосема заслужено кај него во 1989 година заминуваат наградите за најдобар стрелец но и наградата за најдобар фудбалер во Австралија. 

Видео од прогласувањето на Златко Настевски за најдобар стрелец во 1989 година. Свечената церемонија таа година за прв пат беше пренесувана во живо и од АБЦ телевизија во емисијата The Locker Room од каде и што е прземено видеото.

" Елегантен , културен но опасен и безмилосен на теренот " - така беше најавен Настевски при примањето на наградата за најдобар фудбалер.

Овие факти но и останатите постигнати голови и добри игри Златко Настевски го вбројуваат како еден од најдобрите фудбалери и голгетри што некогаш има играно во Австралија од странство.

За прикажаните добри игри Настевски е избран и во идеaлниот состав на Маркони на сите времиња.

Ми годат овие комплименти вели Настевски и додава " И додека играв за Маркони но и за другите клубови се трудев да играм што е можно најдобро и покрај истакнувањето на моите квалитети сакав достојно да го претставам и македонскиот фудбал и Македонија земјата од каде што доаѓам".

Златко Настевски беше дел и од екипата на Македонија на етничкиот турнир во Сиднеј каде што заедно со останатите познати македонски фудбалски имиња убедливо го освоија првото место.

Zlatko Nastevski
Златко Настевски дел од екипата на Македонија на етнички турнир во Сиднеј. Source: Supplied

Во моментите кога е во топ форма Настевски со малку задоцнување добива покана за настап и во дресот на Австралија. На натпреварот против Торпедо од тогашниот Советски Сојуз во 1990 година Настевски го започнува натпреварот од почеток но игра само до 33 минута кога заработува незгодна повреда.

Повредата од потежок карактер му ја прекинува дотогаш одличната голгетерска форма.

" Имав можност да го облечам и дресот на Австралија. Натпревар кој ми остави мешани чувства. Од една страна радост за повикот во националниот дрес на Австралија од друга страна пак разочарување од повредата која морам да признам во тој период имав 33 години ме исфрли од добрата форма во која бев".

По повредата Настевски се враќа на фудбалските терени. Настапува за Вулонгонг Македонија, Сиднеј Олимпик а една година поминува заедно со Џорџ Јолевски и во Кедах од Малезија. Кариерата ја завршува во Маркони Сталионс во 1997 година.

Zlatko Nastevski i George Jolevski
Златко Настевски и Џорџ Јолевски фубдласкиот леб заедно го печалеа во Малезија. Source: Supplied

Како тренер ги има водено екипите на Маркони Сталионс и Рокдејл Илинден.

 

 

 

 

 


Latest podcast episodes

Follow SBS Macedonian

Download our apps

Listen to our podcasts

Get the latest with our exclusive in-language podcasts on your favourite podcast apps.

Watch on SBS

Macedonian News

Watch it onDemand

Stream now