Второто кинематографско остварување на Горан Столевски, "Of an Age", во моментот е на редовниот кино-репертоар ширум Австралија. Филмот е возбудлива и силна емотивна одисеја, на австралискиот тинејџер со српско потекло Никола, која што засекогаш ќе го промени животот на главниот карактер.
Приказната на "Of an Age" е сместена во прозаично мелбурншко предградие во 90тите години, свет толку близок и познат по својата естетика за мигрантите во Австралија и денес.
Овој филм минатата година го отвори Меѓународниот филмски фестивал во Мелбурн - Melbourne International Film Festival, а на фестивалот во Западна Австралија CinéfestOZ Film Festival, ја освои највисоката парична награда во индустријата, вредна 100.000 долари. Награда што се доделува за извонредност во занаетот на создавање австралиски игран филм или долгометражен документарен филм.
Главните улоги во филмот ги толкуваат актерите Том Грин, Илајас Ентон и Хети Хук, а во филмот игра и австралиско-македонската актерка Дона Димовска- Кантаровски.
СЛУШНЕТЕ ГО РАЗГОВОРОТ СО ГОРАН СТОЛЕВСКИ

ГОРАН СТОЛЕВСКИ: Не беше тешко да одбијам три милиони долари за филмот да биде на македонски
"Of an Age" е тематски и естетски комплетно различен од дебитантскиот филм на Столевски "Нема да си сама", што потврдува дека тој е зрел автор со силни и свежи идеи, кој знае како да ја возбуди филмската публика во различни филмски жанрови.