Настојувајќи да ја промовира македонската култура и уметници во Мелбурн, како и македонско-австралиските културни врски, во Генералниот конзулат беше отворена изложба на фотографии на македонско-австралискиот уметник и фотограф Марјан Стојковски. Темата на која тој се осврнува е прекумерната комерцијализација на природните богатства и ресурси, свртувајќи внимание врз нивното еколошки неодговорно искористување.
Пред претставниците од конзуларнит кор и од македонската заедница се обратија и Тим Кејн, директор на Канцеларијата за Викторија на МНРиТ на Австралија и д-р Мелентие Пандиловски, уметнички директор и куратор во JOLT Arts во Мелбурн.

Присутните можеа да ги видат и експонатите од филигранскиот сребрен накит, рачна изработка на Ирена Павловска.
Уметникот и фотограф, Марјан Стојковски е роден во 1965 година во Скопје, Македонија, а живее и работи во Мелбурн, Австралија. Дипломирал ликовна уметност и уметничка фотографија на Факултетот за ликовни уметности, на универзитетот RMIT во Mелбурн. Имал неколку самостојни и групни изложби во Македонија и и во Австралија.





