Во своето прво учество на Европското првенство, Македонија се најде во групата Ц. Противници се Австрија (14 јуни), Украина (17 јуни) и Холандија (22 јуни). Првите два натпревари ќе ги игра во Букурешт а третиот во Амстердам.
Селекторот на репрезентацијата Игор Ангеловски освен повредениот Илија Несторовски на располагање ги има сите фудбалери кои го оставрија пласманот на првенството.
Пред заминувањето за Букурешт, Ангеловски во интервју за македонската програма на СБС радио изјави дека и тој и фудбалерите со нетрпение чекаат на првиот натпревар против Австрија и додаде:
" Подготвени сме за нови успеси и подвизи. Се што е во наша моќ ќе направиме за да нашите симпатизери и навивачи ширум светот повторно ги направиме горди но и да ги израдуваме".

На списокот на Ангеловски се најдоа следниве 26 фудбалери:
Голмани: Столе Димитриоски, Дамјан Шишковски и Ристе Јанков.
Одбрана: Стефан Ристовски, Висар Муслиу, Егзон Бејтулаи, Кире Ристевски, Ѓоко Зајков, Дарко Велковски и Езџан Алиоски.
Среден ред: Аријан Адеми, Енис Барди, Стефан Спировски, Бобан Николов, Тихомир Костадинов, Ферхан Хасани, Елиф Елмас, Даниел Аврамовски, Дарко Чурлинов и Марјан Радески.
Напад: Горан Пандев, Александар Трајковски, Иван Тричковски, Влатко Стојановски, Крсте Велковски и Милан Ристовски.
Секако предводник на и вон теренот е искусниот Горан Пандев кој ја доживува својата втора фудбалска младост.

Настапот на Македонија на Европското првенство со големо внимание се очекува и меѓу македонците во Австралија. Онаму каде што дозволуваат условите поради Ковид-19, фудбалските клубови од македонската заедница ќе организираат заедничко гледање на натпреварите на Македонија во своите клубови. Таков е примерот и со фудбалскиот клуб Рокдејл Илинден од Сиднеј.
Најпознатиот фудбалски клуб надвор од границите на Македонија, Престон Македонија од Мелбурн со видео порака им посакаа среќа и нови успеси на македонските фудбалери.
За разлика од претходните првенства овој шампионат ќе се игра низ цела Европа, домаќини ќе бидат 11 градови, Амстердам, Баку, Будимпешта, Букурешт, Глазгов, Копенхаген, Лондон, Минхен, Рим, Севиља и Санкт Петербург.
На првенството учествуваат 24 репрезентации поделени во шест групи, првите две од секоја група и најдобрите четири третполасирани продолжуваат во осминафиналето.
Финалето ќе се игра на 11 јули на Вембли кога ќе го дознаеме новиот Европски шампион.
Во целосниот аудио запис опафтени се и разговори со првиот селктор на македонската репрзентација Андон Дончевски кој се присеќа на првиот квалификациски натпревар за пласман на ЕП против Данска од 1994 година, како и разговри со Злате Груевски, Љупче Ацевски, Зоран Трајчевски и Наум Секуловски од Ф.К. Престон Македонија.



