На 8-ми септември 1991 година се одржа историскиот референдум на кој граѓаните на Р. Mакедонија го потврдија илинденскиот и асномскиот континуитет и масовно го дадоа својот глас за независна македонска држава како суверен меѓународен субјект и за меѓусебно признавање како рамноправна членка на заедницата на народите.
Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ, по дефинитивното изјаснување на Словенија и Хрватска дека се определуваат за независност и самостојност.
Во Македонија беше спроведено предреферендумска кампања, а на 2 септември беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кои граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат "ЗА" на Референдумот.
Прашањето на кое позитивно одговорија мнозинството гласачи беше: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“, а според официјалните податоци, од тогашните запишани 1.495.626 гласачи, на референдумот излегле 1.132.981 граѓани со право на глас, од кои „ЗА“, заокружиле дури 1.079.308 граѓани или 95,09.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.
На 27 јануари пратениците во собранието го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.
Формално, волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.


По прогласувањето на независноста, меѓу првите држави што ја признаа државноста на Македонија беа Турција и Бугарија, како и Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина, а потоа и други држави.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година.
Државата монетарно се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја армија, која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на светската организација по привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.




