Во годината кога се случуваат најголемите промени во автомобилската индустрија, македонскиот дизајнер Славче Таневски се претстави со два нови луксузни модели на Mercedes. Во разговор за СБС радио ни открива повеќе детали за какви автомобили станува збор, каков е процесот на дизајнирање и какви промени ја очекуваат автомобилската индустрија во иднина.
Производителот на автомобили Mercedes-Benz досега на светот му има подарено илјадници автомобили. Во 2021 година светот го збогати за уште два нови модели.
Станува збор за ултра-луксузните модели Concept Mercedes-Maybach EQS и Mercedes-AMG SL.
Честа да го дизајнира надворешниот изглед на овие луксузни автомобили што е "сон на секој дизајнер" ја имаше македонскиот дизајнер Славче Таневски - познато и признато дизајнерско име во автомобилскиот свет.
"Да, секако сон на секој дизајнер е да работи на вакви култни модели на Mercedes. Моите претпоставени имаа доверба во мене па така за Mercedes - AMG SL пресудно беше моето искуство, додека за Concept Mercedes-Maybach EQS мојата скица победи на конкурост и така ја имав привелигијта да ги дизајнирам овие модели".

Славче Таневски свое место во Mercedes си обезбеди со неговата дипломска работа на моделот Mercedes-Benz Aria а потписот со неговото име во десетгодишната работа во германскиот автомобилски гигант стојат зад моделите: Mercedes-Benz CLA Coupe, Mercedes-Benz CLA Shooting Brake, B-Class, GLC/GLC Coupe.

И самиот Славче вели дека на сите досегашни модели работел макотрпно додека не се доведе автомобилот до перфекција но и додава дека:
"Задоволството кај мене е големо кога ќе видам како се возат моите автомобили. Реакциите и повратните коментари во целина се позитивни за сите мои модели и тоа ме прави среќен. Секако има и некои субјективни забелешки".
Г-дин Таневски вели дека како дизајнер претпочита чист и полн волумен без многу ивици и линии а како битен фактор ги истакнува графиките, односно сите делови што се сечат од каросеријата поради некоја функција. Секако најважно за дизајнерот е да го разбира визуелниот јазик на брендот кој го работи, колку ќе се држи до него и колку ќе го промени.
А, од каде ја наоѓа инспирацијата вели:
"Темпото на дизајнирање е многу брзо и нема време за она класична инспирација. Инспирацијата кај мене е од сите искуства кои што ги имам стекнато во секојдневниот живот: патувања, посета на некој град или место во природа. Сите тие визуелни искуства се меморираат во мене и некогаш излегуваат од мене во креативна мисла".

Промените во автомобилскиот свет во последните години се случуваат со голема брзина а исто така и во процесот на дизајнирање вели Таневски:
"За овие 10 години колку што работам многу се промени во светот на автомобилите а особено во процесот на дизајнирање. Се менува филозофијата и начинот на работа, се повеќе работиме дигитално, се намалуваат моделите и полека доаѓа светот на електричните модели на автомобили".
А, што може да се очекува во наредните години од автомобилската индустрија Славче Таневски вели:
"Се очекува да има повеќе новитети а пред се транзиција кон електрични автомобили со цел намалување на штетните гасови. Тоа можеби ќе придонесе за поголеми трошоци за компаниите но за нас како дизајнери ќе биде поедноставно но воедно и дизајнот ќе стане поважен фактор и очекувам очите на љубителите на автомобили да видат вперени кон нас како дизајнери".
Интересно, иако Македонија нема автомобилска индустрија сепак преку името на Славче Таневски на некој начин е поврзана со автомобилскиот свет.
И, самиот Славче вели:
"Горд сум што сум македонец и потекнувам од Македонија. Секаде го истакнувам тоа каде што е место. Си ја сакам Македонија и впрочем најголемиот дел од моето слободно време го поминувам во Македонија".

Од разбирливи причини поради природата на работа македонскиот дизајнер не открива на што ќе работи во наредниот период но вели:
"Само можам да кажам дека од Mercedes ќе има повеќе електрични возила но за повеќе што можат да очекуват од мене ќе оставам на фантазијата на љубителите на автомобили и се разбира кога нешто е мистериозно е и по интересно".
Секако Славче ни вети дека штом излезе негов нов дизајниран автомобил со задоволство ќе разговара за програмата на македонски јазик на СБС радио.
Во меѓувреме покрај дизајнирањето автомобили помага и на млади студенти дизајнери, држи он лајн часови по дизајн за студенти од Кина а од неодамна започна и соработка со Машинскиот факултет од Скопје.





