Кога Маја Стојчевски, тренер за личен развој на родители со посебни деца, како што таа сака да ги нарекува, пред 6 години дознала дека нејзината ќерка Јоана е со тешка физичка и ментална попреченост, што значело дека таа најверојатно нема никогаш да прооди и проговори, секакви чувства и мисли ѝ се свртиле во главата. Но, 3 години по првиот шок, Маја успела да пронајде благослов во својата ситуација и сега е во мисија истото да го направи со секој родител на посебно дете.
Маја веќе пет години живее и работи во Германија. Ја напуштила Македонија во потрага по подобар медицински третман за својата ќерка Јоана, која почина во ноември минатата година на 6 годишна возраст.
По првиот налет на изгубеност, очајност, безнадежност и лутина, на Маја ѝ биле потребни 3 години да почне да се прифаќа себеси, да ја прифати состојбата во која се нашла и најважно од се, да ја прифати својата ќерка онаква каква што е, со што започнала еден нов живот, живот во кој Јоана станала нејзин благослов, а не товар.
Во текот на годините и низ своите лични борби, Маја утврдила дека постојат многу родители на посебни деца во светот кои се уште се чувствуваат заробено, тажно и налутено во своите животи и токму поради нив, започнала да работи како тренер за личен развој на, како што ги нарекува посебни родители.





