Од навивач како дете, па преку фудбалската академија Стефан Чолаковски успеа да го оствари својот сон да заигра за својот омилен клуб Мелбурн Сити. Стефан сака долго време да биде дел од клубот од Мелбурн но и да го облече дресот на фудбалската репрезентација на Македонија.
Новата надеж на фудбалскиот клуб Мелбурн Сити, Стефан Чолаковски првите фудбалски чекори ги прави во Есендон Ројалс. Продолжува во Паско Вејл за да неговиот талент биде забележан од тренерите на Мелбурн Сити и вклучен во фудбалската академија за кој Стефан од самото формирање на клубот е нивни навивач.
"Јас и мојата фамилија бевме навивачи на Мелбоурне Сити. Како дете бев често на не само на натпреварите туку и на тренинзите на клубот" - вели Чолаковски и додава
"Сонував да играм за клубот за кој како дете бев нивни навивач".
Младиот Чолаковски со макотрпна работа на тренизите и покажувајќи го својот раскошен талент успева да го изоди тешкиот пат и од навивач, преку фудбалската академија да стигне до првиот тим на Мелбурн сити и потпише профисионален договор.
"Сонот ми се оствари да играм за мојот омилен клуб, немаше посреќен на светот од мене во тој момент" - вели Стефан и додава "Сакам да останам во клубот да играм и да постигнувам што е можно повеќе голови".
Стефан Чолаковски за Мелбурн Сити дебитираше во сезоната 2019 - 2020 против Велингтон Феникс а од клупата за резервни играчи влезе и во големото финале.
Во годинашнава сезона успеа и да постигне гол во градското дерби против Мелбурн Виктори, а неговите очекувања се и годинава да играат во големото финале.
"Имаме добар и поискусен тим од минатата сезона. Очекувам добри игри, пласман во финалето и се надевам дека ќе се радуваме на крајот"- вели Чолаковски.

21-годишниот Стефан го прифати и повикот од Македонскта фудбалска федерација да ги брани боите на Македонија, родната земја на неговите родители.
"Добив покана и без размислување ја прифатив но поради пандемијата со КОВИД - 19 ќе мора да почекам да ми се оствари и тој сон да заиграм за Македонија" - вели Чолаковски.
Новата надеж на Мелбурн сити не крие дека фудбалскиот клуб Престон Македонија е еден од најпознатите клубови не само во македонската заедница туку и во Австралија.
"Чест е да се носи дресот на овој клуб но моите планови сега се поврзани со Мелбурн Сити. Но, еден ден би сакал да играм и да постигнувам голови за Престон Македонија" - вели Чолаковски.






