Меѓу зографите сликари што имаат голем придонес во развојот на македонската култура е и името на Ѓорѓи Зографски. Тој кон крајот на 19 и почетокот на 20 век заедно со Димитар Андонов Папрадишки го прават историскиот пресврт од религиозно сликарство во сликање со профани теми. Во разговор за програмата на македонски јазик на СБС радио, а по повод 150 години од раѓањето на Ѓорѓи Зографски, Сања Зографска, негова внука зборува за животниот и творечки пат на нејзиниот дедо но и за фамилјата од Рензовско - Зографскиот род која дала познати градители, зографи, иконописци и копаничари.
Последниот зограф од семејството Рензовци, Ѓорѓи Зографски заедно со Димитар Андонов Папрадишки прават историски пресврт во македонското сликарство кога го напуштаат поствизантискиот иконопис и живопис и се свртуваат кон модерното сликарство со првите обиди за сликање профани теми.

Зографски се родил во селото Папрадиште, Велешко во 1871 вели неговата внука Сања Зографска - Крстевска, Генерален конзул на Р. Македонија во Мелбурн и додава:
" Мојот дедо е потомок од Рензовско-Зографскиот род од мијачкото село Тресонче, позната фамилија која се занимавала со градителство, зографство, иконопис и копаничарство. Од мијачкиот крај се преселуваат во селото Папрадиште а подоцна се селат во Велес".

Зографската дејност на Ѓорѓи Зографски започнува во тајфата на неговиот татко Јаков - познат градител, резбар и живописец.
Од млади години го придружувал со цел да го научи зографскиот занает.
Неговата дарба и талент за сликарството вели госпоѓа Сања Зографска не останале незабележени.
"Мојот дедо иако бил повеќе самоук отколку образован сликар учел од својот татко, но неговите дела на само 16-ет годишна возраст биле препознаени од рускиот конзул во Призрен Иван Јастребов кој му предложил школување во Русија. Ѓорѓи заминал и останал околу една година во Русија што одиграло пресудно влијание во понатамошниот творечки пат на мојот дедо".

По враќањето од Русија престојува и работи во Софија а подоцна и во Србија.
"Можноста да живее и да твори во различни земји и средини и да го има тој дијалог со различните култури, академски сликари и интелктуалци придонеле кај него за побрзо усовршување на сликарски план и ориентирање кон профаното сликарство. Како што прифаќал од другите култури тој исто така ја ширел и македонскта култура и македонските национални творечки хоризонти" вели неговата внука Сања Зографска.
По стекнувањето голем авторитет како сликар, кога покрај црковното сликарство и иконописот, започнува да го негува и профаното сликарство, Ѓорѓи Зографски својот ликовен репертоар го збогатил со нови ликовни идеи и содржини, со теми од секојдневниот живот и непосредната околина.

Започнал да слика и портрети со што овозможил тоа да не биде привилегија само на политичарите и богатите туку и на занаетчиите, трговците и свештениците. Во својата уметност тој се пронаоѓал самиот себе но и истовремено наоѓал и егзистенција за своето семејство.
Меѓу првите портрети што ги насликал е " Портетот на Јаков Зографски " неговиот татко, додека меѓу велешани најпопуларен е "Женскиот портерт" насликан уште во 1894 година. За овој портрет неговата внука Сања Зографска вели:
" Велешани ја викаат нашата "Мона Лиза". Тоа е портрет на млада девојка кој зрачи со некоја благост, нежност, има карактер. Постои верување дека тоа можеби била и неговата прва љубов па токму затоа на портретот одредени чувства се могу подобро изразени".
Тој насликал уште педесетина портрети на свои блиски како и портрети на видни личности од Македонија и Србија.

Освен портретите неговото сликарство опфаќа и историски композиции, пејсажи и мртва природа.
Неговите дела односно икони и живописи исто така можат да се најдат и видат и во многу цркви и манастири во Mакедонија и Србија.
До пред својата смрт во 1945 година Ѓорѓи Зографски активно живеел и работел во Велес, каде своевремено бил и кмет на својот град како угледен граѓанин, со демократски убедувања и ценет зограф.





