“Домаќинство за почетници” - третиот игран филм на извонредниот австралиско-македонски автор и режисер Горан Столевски, во саботата, 11 ноември, беше премиерно прикажан во Викторија, во рамките на Melbourne Queer Film Festival.
"Овој фестивал е првиот на којшто присуствував кога имав 16 години. Филмот е монтиран во Мелбурн и е направен тука, повеќе отколку што може да се заклучи од гледањето - рече Столевски, обраќајќи и се на публиката на фестивалот.
ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“ Е КАНДИДАТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА НАГРАДАТА “ОСКАР
“Домаќинство за почетници” е неверојатно енергична и бурна драма, лоцирана во Скопје, во чија оптика се наоѓа едно сосема нетипично семејство, составено од навидум случајно собрани под еден кров, возбудливи, социјални аутсајдери.
Животот ја принудува главниот лик Дита, која никогаш не се обидела да стане мајка, да ја преземе таа улога во однос на двете деца на нејзината партнерка Ромка, и тоа во комплицирани околности, од кои произлегува целата човечка драма.
Во своето трето долгометражно дело, тематски комплетно различно од претходните остварувања ( “Нема да си сама”, “Of an age”), Столевски умешно ги отвора комплексните прашања за длабоко вкоренетата расна дискриминација кон Ромите, за половата и сексуална дискриминација, како и за тоа што претставува семејството и улогите во него.
Со неговиот веќе препознатлив сигурен авторски манир, Столевски, самоуверено ја води публиката низ вистински емотивен топоган, од трогателни солзи преку еуфорија, до комичност и урнебесна смеа. Секоја сцена е елоквентен и прецизен коментар на македонското современо општество денес, но тој притоа артикулира универзални човечки емоции, вообичаено за филмскиот ракопис на Столевски.

Сцена од филмот "Домаќинство за почетници"
ГОРАН СТОЛЕВСКИ ВО ВЕНЕЦИЈА ДОЈДЕ СО ТРИУМФ И ФЕНОМЕНАЛЕН ФИЛМБРИТАНСКИОТ СКРИНДЕЈЛИ ЗА „ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ“
Филмот доби и специјално признание од италијанската фондација „Фондационе фаи персона лаворо амбиенте“ (Fondazione Fai Persona Lavoro Ambiente) за социјално ангажиран филм.
"Домаќинство за почетници“ е кандидат на Македонија за наградата “Оскар, а го отвори и 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола.
Филмот е снимен во Скопје, со познатите актерки Ана Марија Маринка од Романија и Сара Климоска од Македонија (и двете водечки актерки и во првиот филм “Нема да си сама”), потоа Алина Шербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим, Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Постпродукцијата беше изработена на релација Европа – Австралија, вклучително во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.
И зад овој филм на Столевски стои американската дистрибутивна куќа “Фокус”.